Договорот за извоз на украинско жито е продолжен за нови два месеца – Ердоган со добри вести
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган тврди дека договорот за извоз на украинско жито е продолжен за нови два месеца. Договорот, кој овозможи сигурен извоз на украински производи по воден пат, требаше да заврши утре. Разговорите за негово продолжување траеја цел ден, откако Русија најпрво одби да го продолжи.
„Сакам да соопштам добри вести. Со напори на нашата земја, целосна поддршка на нашите руски пријатели и придонесот на нашите украински пријатели, Иницијативата за црноморско жито е продолжена за уште два месеца“, порача турскиот претседател.
Турција и Обединетите нации посредуваа за договорот во минатиот јули со цел да помогнат во решавање на глобалната криза прехранбена криза која се влоши со војната во Украина. Претходно денеска, последниот брод кој беше опфатен со досегашниот договор, ја напушти Украина и се упати кон Турција.