ДИК: Најголема излезност во Прага, најниска во Истанбул
До сега најголема излезност за претседателските избори во дипломатско-конзуларните претставништва во Европа има во Прага (23.4%), додека најниска во Истанбул (3.57%), соопшти портпаролката на ДИК, Љупка Гугуческа.
„Гласањето се одвива тековно и без проблеми. Излезноста во ДКП-ата во Будимпешта е 18,75 проценти, во Брисел 18,37, во Загреб 16,67… Излезноста во ДКП-ата до 18:30 часот во Канбера е 38 отсто додека во Мелбурн 57,58 проценти. Гласачките места во САД и Канада ќе бидат отворени во 19 часот.“, изјави Гугуческа.
Одговорајќи на новинарско прашање, портпаролката на ДИК информира дека денешното гласање во затворите се одвива без проблеми и до 10 часот правото на глас го искористиле 22 проценти.
-Во 13 КПУ право на глас имаат 1.640 лица. Сите места се отворени на време и гласањето тече без никакви проблеми, истакна Гугуческа.
До овој момент гласањето тече без проблеми, оценија од Државната изборна комисија на прес-конференција информирајќи за гласањето на болните, затворениците, притворените и дијаспората кои денеска од 7 часот го остваруваат нивното гласачко право за претседателските избори и локалните кои се одржуваат во три општини.
Од ДИК велат дека за прв пат гласаат и гласачи во два старечки дома. Гласачките места се отворени и таму, а 71 гласач ќе имаат можност да гласаат. Новина е воведена и кај граѓаните со оштетен слух и говор, за кои на денот на изборите активен ќе биде телефонскиот број 076 488 360 на кој преку видео повик ќе можат да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на македонски знаковен јазик.