ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Движењето во Грција само со посебни потврди

Со забраната за целосно движење во Грција, што стапува во сила утре во шест часот, а ќе трае до 6 април 2020 година, секој граѓанин за да излезе надвор ќе треба да има посебна потврда, соодветно пополнета и потпишана и само поради конкретни причини, јави дописничката на МИА од Атина.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас објасни што точно значи забраната за движење која што ја соопшти попладнево грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и во кои случаи граѓаните ќе смеат да излезат од дома.

Постојат осум исклучоци од забраната и дозволено е само:

-одење и враќање од работа, само за време на работните часови;

-посета на аптека или доктор;

-посета на продавница за прехранбени продукти, кога не постои можност за достава;

-посета на банка, доколку не е можна електронска трансакција;

-движење за пружање помош на луѓе кои имаат потреба;

-одење на погреб, свадба, крштенка и сл. согласно условите предвидени со закон;

-вежбање надвор или шетање домашно милениче, индивидуално или најмногу до две лица;

-еднократно враќање во местото на постојано живеење;

Паралелно, во приватните и службените возила, дозволено е да има по најмногу две лица, односно возач и совозач.

За оние кои ќе ги прекршат ограничувањата, предвидена е казна во висина од 150 евра.

Од ограничувањата се ослободени вработените во армијата, во полицијата, медицинскиот персонал како и вработените во службите за цивилна заштита и строго и единствено за исполнување на нивните работни должности.

За контролата ќе бидат задолжени полицијата, општинската полиција, крајбрежната служба како и националниот орган за транспарентност. Контрола ќе се врши и со дронови и хеликоптери на полицијата, а предвидени се посебни проверки и на патарините.

Граѓаните, при излегувањето, со нив треба задолжително да имаат лична карта или пасош и потврда за движење.

Предвидени се два вида на документи, односно потврди за движење. Едната, за оние кои одат на работата и која ќе се пополнува само еднаш, заедно со потврда од работодавачот со детално заведено работно време, а втората, за другите случаи односно за посета на супермаркет, аптека, банка и сл.

За секое излегување од дома, поврзано со втората категорија, секој од граѓаните треба да има нова потврда.

На потврдите стојат сите лични податоци (име и презиме, адреса) како и причината за движење.

Министерот за дигитално управување Кирјакос Пиракакис, објасни дека од вечерва ќе почне да работи посебен сајт каде што ќе бидат сите информации, како и двата вида на потврди (за вработените и за исклучоците од забраната).

Граѓаните ќе имаат три алтернативни начини да добијат потврда:

-да го пополнат формуларот;

-рачно да ја напишат причината за нивното излегување, заедно со име, презиме, адреса, датум и потпис;

-на специјално одреден број да испратат бесплатна смс порака, со бројот на конкретната причина за излегување, заедно со име, презиме и адреса.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, истакна дека „забраната за движење на граѓаните со исклучоци на строго ограничени активности, го прекинува синџирот на ширење на вирусот“ и помага да се избегне најлошото.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.