Дачиќ: Во 2019 за Косово најверојатно во поинаков формат
Спрскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ кажа дека Србија во 2019 година сигурно интензивно ќе се бави со прашањето на Косово и Метохија и „веројатнно во поинаков формат од сега“
„Никоја не може да каже – ќе го решиме Косово следната година, барем никој од сериозните политичари и кај нас и во светот. Што се однесува до мене, јас би сакал уште утре да имаме договор и решение, но тоа не е реално, уште многу коцки треба да се вклопат“, кажа Дачиќ на прашањето дали очекива следната година да се реши прашањето на Косово.
Тој укажа и дека европските преговарачи веќе извесно време се на страна – тие имаат избори во мај, а потоа ќе минат уште неколку месеци додека да направат нова Европска комисија и изберат наследник на Федерика Могерини.
„Соединетите Американски Држави сакаат да го пополнат тој вакуум и тоа е добро за целиот процес, бидејќи ние не сакаме да се губи време. Затоа и охрабрува писмото на Доналд Трамп до претседателот (Александар) Вучиќ како добар знак дека Америка сака дијалогот да продолжи, да не се изгуби моментот, како што често се случуваше во последните пет-шест години, по заслуга на Приштина“, кажа шефот на српската дипломатија.
Тој истакна и дека, според него, би било корисно покрај САД да се вклучат и други големи земји, како Русија и Кина, бидејќи тоа би обезбедило широки меѓународни гаранции за сѐ што би било договорено.
„Тоа ќе значи целосен меѓународен легитимитет за сѐ што ќе биде договорено околу Косово и Метохија, а пред сѐ би обезбедило договорот да биде долгорочен, што е во интерес на Србија“, додаде Дачиќ.
Тој кажа дека идејата за разграничување на Србите и Албанците „е единствената на масата, но дека таа мора да биде проследена со низа други договори“.
„Ние не се откажуваме од највисоките права за српската заедница на Косово и Метохија, од заштитата на српското наследство, од големиот имот кој Србија го има на КиМ, и тоа сите добро го знаат“, истакна Дачиќ.