ГРЧКО СТОП ЗА НЕВАКЦИНИРАНИТЕ – ФИЛИПЧЕ СЕ УШТЕ НЕ РАЗГОВАРАЛ СО СВОЈОТ ГРЧКИ КОЛЕГА
Министерот Филипче не разговарал со својот грчки колега по најавата на грчкиот министер за туризам Харис Теохарис дека тие што се вакцинирани ќе може да патуваат со Ковид пасоши, а за другите патници дека ќе се прошират мерките за контрола на границата.
Се уште нема јавна реакција ниту од Владата за ваквите најави од Грција. Она што граѓаните ги интересира е дали летово ќе можат да одат на одмор во Грција, но уште посуштинско е дали Македонија ќе остане изолирана земја бидејќи сите граѓани нема да имаат можност да се вакцинираат. Според најавата на министерот Филипче планот е да се вакцинираат 1. 200 000 граѓани, но сукцесивно во текот на целата година.
„Уште од почетокот на пандемијата, земјите насекаде во светот, индивидуално носат одлуки за рестриктивни мерки за влез и излез од земјите. Сѐ уште нема јасен став на земји на ЕУ и препораки како ќе се патува во периодот на вакцинација, а идејата да се користи пасош за вакцинација сѐ уште не е усвоен предлог на ниво на ЕУ. Целта на Министерството за здравство е 60 од популацијата да ја прими вакцината, што би било доволен процент за стекнување имунитет“, велат од Министерството за здравство.
Вчера Теохарис изјави дека вакцинацијата ќе се одрази на туристичките резервации на земјите кои ги интересираат Германија, Британија, Италија, Франција.
„Сите кои ќе бидат вакцинирани во Грција ќе добијат дигитален сертификат. За тие што не примиле вакцина ќе се прошират мерките за контрола, а тоа ќе зависи и од текот на вакцинацијата и од епидемиолошката состојба во земјата“, изјави Теохарис.
Веста во Македонија одекна како бомба со оглед на тоа што се уште не се знае кога и колку вакцини ќе пристигнат, каков ќе биде текот на вакциницијата, што е со децата кои не треба да се вакцинираат, а може да ја имаат болеста асимптоматски.
Во Стопанската комората за туризам најавија дека во вторник ќе се состане Управниоот одбор, а ќе разговараат и со своите колеги од Србија особено што многу агенции имаат и заеднички закуп со српските. Србија веќе побара од Грција протокол и услови под кои нивните граѓани може да патуваат таму, а ист таков протокол ќе се потпише и со Бугарија и Црна Гора.