Грција нема да ја блокира Македонија, но ќе бара отстапка од Германија за долгот?!
Грција нема да ги блокира амбициите на Македонија и на Албанија за членство во Европска унија, но треба да се очекува да испорача конкретни барања во замена, велат аналитичари за весникот „Катимерини“.
„Грција нема да каже ‘не’ никому. Меѓутоа, таа ќе постави свои услови“, вели извор близок до премиерот Кирјакос Мицотакис за препораката на Европска комисија за отворање пристапни преговори со двете соседни земји, за кои треба да се произнесе Европски совет во октомври.
Набљудувачите велат дека Атина ќе бара Скопје стриктно да го спроведе Преспански договор, истовремено притискајќи го Берлин да ги прифати грчките повици за намалување на целите за примарен буџетски вишок, пишува „Катимерини“.
Во случајот со Албанија, пак, се очекува Атина да бара подобрена заштита на правата на грчкото малцинство, во согласност со меѓународните договори и регулативи.