ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Група европратеници загрижени за ситуацијата во Србија

Ситуацијата во Србија во врска со почитувањето на Уставот и човековите права е „исклучително вознемирувачка“, предупредуваат пратеници во Европскиот парламент.

Група од 21 пратеник во ЕП испрати писмо до европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји во кое нагласуваат дека претседателот на Србија Александар Вучиќ, без заседавање на Парламентот прогласил „неограничена“ вонредна состојба поради коронавирусот.

„Овие остри и непропорционални мерки што ги ограничуваат човековите права, очигледно не се преземени за да се спречи ширењето на Ковид-19, туку да се спречи слободата на изразување и слободно движење“, истакнува групата европратеници.

Тие во писмото наведуваат дека како резултат на овие мерки, веќе имало апсење на граѓани со образложение дека ги кршат мерките за време на полицискиот час. Меѓутоа, како што се наведува во писмото, „вистинската причина е критика на владината политика.“

Групата пратеници предупреди дека Владата на Србија сакала да воспостави потполна контрола врз медиумите „за да објави само филтрирани и претежно лажни информации, како и клевети против ЕУ.“

Европските пратеници оценуваат дека испраќање на војска во болниците низ цела Србија е соодветно за воена состојба, но не и за пандемија.

Тие го потсетуваат Вархеји и на изјавата на претседателот Александар Вучиќ дека не постои европска солидарност, наведувајќи дека во меѓувреме продолжила „спектакуларната соработка со Москва и Пекинг.“

Пратениците во писмото бараат од комесарот за проширување Вархеји да се изјасни за тоа каков е ставот на Европската унија за изјавата на официјален Белград насочена против ЕУ, како и што планира да превземе Европската комисија „да се спротивстави на екстремните мерки на Владата на Србија, не само со зборови, туку и со дела.“

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.