Груевски и Заев го демантираа Ахмети за тајните средби

Иако првиот човек на ДУИ, Али Ахмети изјави дека имал тајни средби со Никола Груевски и Зоран Заев, двајцата поранешни премиери го демантираа лидерот на ДУИ. Груевски изјави дека никому не му рекол да бара амнестија за него, и дека во периодот кога Ахмети тврдеше дека се одржале средбите, тој не бил во Македонија.
„Не сум побарал никој да бара од претседателот Пендаровски амнестија за мене. Го повикувам претседателот да каже кој разговарал со него за мојата амнестија и јавно да соопшти кој побарал амнестија за мене. За средбите на ВМРО-ДПМНЕ пред 3-4 години, како што тврди Али Ахмети во интервјуто, не можам да коментирам бидејќи тогаш не бев во Македонија“, наведува Груевски.
Ахмети беше демантиран и од поранешниот лидер на социјалдемократите Зоран Заев.
„Тоа што го кажува Али Ахмети не е точно. Никогаш не сум бил на тајни средби со Никола Груевски“, рече Заев.
Но, од албанската опозиција велат дека Ахмети признал дека тој е лицето што побарало амнестија за Груевски во замена за некаков лукративен интерес.
„Наше е да утврдиме дека причината за овие тајни средби, кои веќе не се тајни, е како да се спаси Никола Груевски. За која сметка е направено ова, дали Ахмети на Груевски му должи или треба да се израмни сметката, ова не можеме да го констатираме. Јасна вистина е дека имале средби и дека Никола Груевски се спасува од многу случаи за кои му се суди. Гледајќи како е изградена пирамидата на семејството Ахмети со внуци и зетови, не е незамисливо тоа да има врска и со неговите семејства и семејни бизниси кои се откриваат и кои веќе не се тајна“, рече Зеќирија Ибрахими, Алтернатива.
Претседателот Стево Пендаровски пред неколку дена изјави дека лица блиски до опозицијата се распрашувале за амнестија за Груевски.