Град Скопје со кривична пријава против цементарница Титан-Усје заради загадување на воздухот
Цементарницата ТИТАН-Усје во Општина Кисела Вода ќе зарботи кривична пријава од градоначалничката на Скопје, бидејќи го загадувала целиот град,. Инспекцииските служби при градот Скопје во координирана акција заедно со министерството за животна средина, утврдиле испуштање и емисии на огромни концентрации штетни честички во атмосферата, со што циментарницата не се придржувала до прописите и предизвикала опасност по здравјето на луѓето.
– „За загадувањето од котларата за загревање на цементарницата, утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди, при што резултатите од мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми, односно покажуваат 711 милиграми на метар кубен. Поради ова, како градоначалник на градот Скопје, поведов иницијатива за покренување на кривична постапка против цементарницата ТИТАН – Усје.“ – Изјави Арсовска.
Од скопската цементарница ТИТАН-УСЈЕ ја демантираат градоначалничката Арсовска. Во соопштение до јавноста, тврдат дека контролите на надлежните покажале поинакви резултати:
– „Вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3. и 4. јануари 2023 година, во присуство и на инспектори од Град Скопје, потврди дека емисиите од производниот процес во Цементарница Усје се пониски од дозволените гранични вредности. Производниот процес во Цементарница Усје се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди.“ – Стои во соопштението на Циментарница Усје.
Овој производствен капацитет според локалната власт во Скопје не бил единствениот згадувач. Од Градот тврдат дека нивните инспекциски тимови напишале бројни казни за правни и физички лица. Но зошто ефектите ги нема, засега нема конкретно објаснување.
Опозицијата критикува дека проблемот е што надлежните во власта не сработеле ништо конкретно, иако имале изгласано стратегија и план со конкретни мерки уште во 2018 година. Од ВМРО ДППМНЕ реагираат дека седум години, власта не спровела ниту една мерка:
– „Од владата е испратен и документ до собранието со датум 11 Декември 2018 година каде што стои дека владата на седница донела план за акција и мерки за борба со загадувањето. Но еве, оттогаш досега ништо нема исполнето. Наместо празни флоскули, СДС и ДУИ доволно е само да почнат да работат според она што самите тие го изгласале и во собранието и во владата како одлуки и преземени обврски, а за сега ништо нема од тоа, ни на локално, а уште помалку на централно ниво“ Истакна Наум Стоилкоски од ВМРО – ДПМНЕ.
Градската власт се разбуди откако Скопје и Македонија повторно се најде на неславниот врв на загадувачи во светски рамки. На листата најзагадени сме безмалку секој ден, освен кога ќе дувне ветер или ќе заврне. За колкав проблем станува збор покажува последниот извештај на надлежните кој покажува дека скопјани секој трет ден се гушеле во отровен воздух. Ништо подобро не стојат ниту градовите во внатрешноста.
Инаку, на вонредната прес-конференција во градот Скопје, службите за односи со јавност на Арсовска не им дозволија на новинарите да прашуваат за теми надвор од предвидената, иако во градот има и бројни други проблеми од суштинско значење за граѓаните.