Горивата без прекин поскапуваат осум недели, РКЕ крева раменици
Осма недела по ред расте цената на горивата. Вечерва од полноќ на бензинските пумпи низ државата бензините ќе се продаваат по повисока цена за еден денар, додека дизелот ќе биде поскап за половина денар во однос на минатата недела. Па така 95-ката во следните седум дена ќе чини 82 денари, 84 денари ќе чини еден литар БС 98, а новата цена на дизелот е 74 денари.
НОВИ ЦЕНА НА ГОРИВА
БС 95 – 82 ДЕНАРИ
БС 98 – 84 ДЕНАРИ
Еуродизел – 74 ДЕНАРИ
Од регулаторната комисија за енергетика за Алсат велат дека немаат моќ да ги замрзнат цените на горивата како тоа што го направија дел од државите во регионот, ниту пак по своја волја да носат одлука за намалување на цената во малопродажбата.
„Во овој момент е тешко да се каже до кога ќе оди цената на светските берзи во една нагорна линија, имајќи во предвид дека светските берзи во моментов се многу осетливи на било каква информација поврзана за кризата помеѓу Русија и Украина. Исто така, потпишување или непотпишување на договор со Иран. Има многу фактори во моментов влијаат на светските берзи и за жал имаме ситуација таква каква што имаме“, рече Марко Бислимовски претседател на РКЕ.
Засега Владата не најавува дека ќе се откаже од дел од парите кои ги добива од продажбата на горивата. Имено, повеќе од 40 отсто од цената на еден литар гориво, го зема државата. Дополнително, властите не се откажуваат ниту од намерата да доведат т.н. еколошка такса, која ако се донесе во Парламентот, дополнително ќе ја зголеми цената на горивата.