Георгиев и Мемети – кои се „белите јаки“ во врвот на правосудството, кои се осомничени за митото од 10 илјади евра
Од судија во струмичкиот Основен суд, преку штипска Апелација, па сѐ до Врховен суд. Кариерниот пат на судијата Наке Георгиев за малку ќе беше „крунисан“ со место во Судскиот совет, за сега, тој да биде под сомнеж за земање мито и поради тоа да остане без имунитет.
Судијата Георгиев беше претседател на Апелациониот суд Штип. Во тоа време, до Судскиот совет била поднесена претставка за работењето на Георгиев и на уште двајца судии од истиот суд.
Тогаш беа разрешени другите, но претставката за Георгиев со месеци чекала да биде разгледувана.
До судскиот Совет имаше и претставка за него дека заедно со актуелен член на Судскиот Совет работеле несовесно и се спомнуваше мито, но таа постапка не се разгледуваше и беше префрлена во обвинителството за предистрага.
Сето ова се случува пред Наке Георгиев да биде избран за врховен судија.
Лани, тој се кандидираше за член на Судскиот совет. Неговата кандидатура уследи откако се испразнија две места во највисокото судско тело, односно двајца членови си дадоа оставки по контроверзиите поврзани со работата на Судскиот совет.
Георгиев беше единствениот кандидат од Врховниот суд.
Но, потоа тој самиот си поднесе оставка од позицијата откако уследија неколкудневни кавги во Советот, поради тоа што неговиот син кој завршил Академија, беше во позиција да биде избран за судија, додека член од семејството му е во Судскиот совет.
Вчера на полноќ, Судскиот совет во кој врховниот судија Георгиев претендираше да членува, му го одзеде имунитетот, за органите на прогонот да ја продолжат постапката за утврдување вина на осомничениот Георгиев, откако син на обвинет во предмет што се води во Организиран криминал пријавил дека првоосомничениот во случајот, односно врховниот судија Наке Георгиев, ветувал погодности за неговиот татко и лажно прикажале со второосомничениот дека ќе извршат влијание.
Поради ова, била претресена и канцеларијата на Иџет Мемети кој е заменик-претседател на Советот на јавни обвинители и за кој надлежните институции сега проверуваат – дали е вмешан во случајот.
Според информациите, тој денес се појавил на работното место. Телма се обиде да контактира со Мемети, но неговиот телефон беше исклучен. Иџет Мемети е поранешен Народен правобранител, а позицијата ја држеше во два мандати или цели 16 години.
Веднаш по завршувањето на мандатот како Омбудсман, експресно доби нова функција и стана член на Советот на јавни обвинители. Цела кариера му помина на правнички позиции и функции, беше државен советник во Влада, член на Комисија за избирачки списоци.
Во воената 2001 година е избран за министер за правда како експерт, а по смената беше избран за уставен судија.
Даде оставка, за веднаш по вторпат да стане министер за правда во 2003 година. Наредната 2004 година замина од политиката и Собранието го назначи за Народен правобранител. Таму беше до 2020 година.
Покрај многу работа, обид за влез и проверка и контрола на тајните служби дали ги почитуваат човековите права, голема дамка остави седницата на вториот избор во декември 2012 кога беше реизбран за Омбудсман на „црниот понеделник“.
Пред реизборот, од собраниската галерија беа исфрлени новинарите, а од Собраниската пленарана сала беа исфрлени пратениците на опозицијата кои го попречуваа носењето на годишниот Буџет.
Како член на Советот за јавни обвинители имаше судир со невладините организации кои ги омаловажуваше поради нивните извештаи за начинот на работа на Советот.