Гаши: На сите им е јасно дека се потребни длабоки реформи во судството, Собранието бара начин како да помогне

На целото македонско правосудство му се потребни длабоки промени, Собранието ќе ги бара механизмите како да помогне во овој дел, порача собранискиот спикер Африм Гаши. Дали и кога Собранието ќе расправа за разрешување на членови на Судскиот совет нема одговор, се бара начин како да се помогне. Според Гаши потребни се јасни реформи, со цел носење на долгорочни решенија, а не само нешто што би донело резултат на краток рок.
-На сите граѓани им е јасно дека реформи во правосудството ни се потребни подлабоки. Така да, само треба да внимаваме да бидат тие содржајни и реформи кои одат кон подобро, затоа што неколку пати сме пробале, така избрзувајќи не сме донеле решенија кои се одржливи и подолгорочни, затоа овој пат да внимаваме и пристапот е поинаков, изјави Гаши.
Негативниот годишен извештај за работата на Судскиот совет беше причина пратениците да иницираат расправа за отповикување на дел од членовите на советот. Според Гаши не треба да се избрзува, околу оваа проблематика ќе имало дебата и со експерти, со цел да бидат испочитувани сите законски процедури.
-Прво да констатираме дека темата е покомплексна, сакаме да биде долгорочно решен проблемот, сме во консултации со повеќе експерти и институции и сакаме да дојдеме до решение кое ќе биде издржливо, одржливо и долгорочно. Не сакам да дадам свое мислење сега во моментов, но сакам да ги испочитуваме сите институции да дојдеме до заедничко мислење, па потоа да пристапиме заеднички со заеднички став да го решиме проблемот, изјави Гаши.
Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира избира Собранието со Бадентерово мнозинство. Други двајца ги предлага претседателот на државата, но изборот го врши Собранието. Еден од овие двајца членови треба да биде припадник на помалите етнички заедници.
Осум члена, пак, ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори со тоа што тројца од нив се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државава. Двајца се само членови по функција, може да присуствуваат на седници, но немаат право на глас, тоа се претседателката на Врховниот суд и министерот за правда.