Вучиќ со Столтенберг за Косово: Сите громогласно молчат
Претседателот на Србија Александар Вучиќ разговарал денес по телефон со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Тие разговарале околу, како што кажа Столтенберг, загрижувачката ситуација на северот на Косово.
Вучиќ истакнал дека Србија со апсолутно ништо не го прекршила Бриселскиот договор, ниту Резолуцијата 1244, ниту на некој начин го загрозила зачувувањето на мирот.
„Седум дена трае целосната окупација со оклопни возила на северот на Косово и Метохија која ја спроведува Приштина и сите во меѓународната заедница громогласно молчат“, истакна српскиот претседател.
„Сепак, сите се ненадејно загрижени кога на територијата на централна Србија ќе видат српски хеликоптери и авиони, бидејќи веројатно не би требало да постојат, или не би смееле да полетаат додека (косовскиот премиер Аљбин) Курти или некој од меѓународната заедница тоа не го одобри“, кажа Вучиќ.
„Србија ги почитува сите меѓународни договори кои ги потпиша, Србија секогаш ќе се однесува одговорно и сериозно, но Србија и понатаму прашува кога ќе почне формирањето на Заедницата на српски општини и кога оклопните единици на Курти ќе бидат повлечени од северот на Косово и Метохија“.
На крајот, со благодарност до генералниот секретар Столтенберг на коректниот однос и желбата да ја ислуша српската страна, Вучиќ праша која тоа норма и меѓународен пропис Србија ги прекршила, денес, вчера или кога било.
Двајцата соговорници порачаа дека остануваат во постојан контакт поради неопходноста на зачувувањето на мирот и стабилноста во целиот регион.