ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Косовскиот премиер Албин Курти денеска ги информираше пратениците во косовскиот парламент за деталите од француско-германскиот предлог за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Тој претходно начелно го прифатил, велејќи дека го смета за „ добра основа за понатамошни разговори“, објавија приштинските медиуми.

„Го прифаќаме предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и го сметаме за добра основа за понатамошни разговори и солидна платформа за продолжување напред“, објави Курти на Твитер по средбата на 6 февруари со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, во Приштина.

Курти денеска повтори дека француско-германскиот предлог, сега познат како план на ЕУ, не е конечен, туку фундаментален договор и добра почетна точка за дополнителни разговори.

Тој договор, како што беше претставен на двете страни од американско-европските дипломати во втората половина на јануари, предвидува почитување на територијалниот интегритет, неповредливост на границите, признавање на државните симболи и посебен аранжман за српската заедница на Косово (Заедница на српски општини ЗСО).

Белград инсистира дека формирањето на ЗСО е клучна точка за продолжување на дијалогот. Курти, пак, претходно изјави дека може да размисли за формирање на таа заедница, но со шест услови, меѓу кои се – тоа да е во согласност со уставот на Косово, да не се заснова исклучиво на етничка основа и да може да се разгледува по меѓусебното признавање.

Вучиќ им порача на претставниците на САД и ЕУ дека Србија е подготвена да го прифати концептот на европскиот план и да работи на имплементација на предложениот договор за дијалог за нормализација на односите со Косово.

Белград го протолкува европскиот предлог како ултиматум кој условува напредок во евроинтеграцискиот процес. Доколку Србија не го прифати, се заканува дека ќе ги запрат странските инвестиции и ќе го укинат безвизниот режим со земјите од ЕУ, предупредија српските власти.

Во минатонеделната расправа за Косово во парламентот, Вучиќ трипати по ред им повтори на претставниците дека нема да ја признае независноста на Косово ниту приемот во ОН.

Курти во денешното обраќање пред парламентот истакна дека тоа е основен договор, а не правно обврзувачки, конечен договор и дека не е предлог „земи или остави“.

Српскиот претседател денеска изјави дека е очекувано „претерувањето“ на Приштина во однос на формирањето на ЗСО. „Покажаа дека немаат намера да формираат ЗСО и сега чекаме да видиме што ќе направат Американците и Европејците“, рече Вучиќ.

Во 2008 година, Косово прогласи независност, која Белград одбива да ја признае и да се согласи да го прими Косово во ОН. Независноста на Косово ја признаваат водечките западни земји, но не и Кина, Русија, Ватикан и пет земји-членки на ЕУ, додека Белград официјално тврди дека државноста на Косово е прифатена од помалку од 100 земји од ОН.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.