Втор ден примирје во Газа

Во четирите дена привремен прекин на огнот, Хамас треба да ослободи најмалку 50 израелски заложници, а Израел 150 палестински затвореници, пренесе агенцијата АП.
Денеска е вториот дел од примирјето што почна вчера наутро (24 ноември), откако Хамас и Израел постигнаа договор да ги прекинат сите борби на четири дена.На првиот ден од прекинот на огнот, Хамас ослободи 24 од околу 240 заложници земени за време на нападот врз Израел на 7 октомври, а Израел ослободи 39 Палестинци од затвор.
Според АП, ослободени од заробеништво во Газа беа 13 Израелци, 10 тајландски државјани и државјани на Филипини.
Договорот вклучува дозвола за влез во Газа за уште стотици камиони кои превезуваат медицинска помош и гориво.
Обединетите нации соопштија дека примирјето им овозможило да ја зголемат испораката на храна, вода и лекови во најголем обем од обновувањето на конвоите со хуманитарна помош на 21 октомври.
За прв пат по повеќе од еден месец, помошта стигна до северниот дел на Газа, кој е во фокусот на копнената офанзива на Израел. Конвој на ОН испорача брашно во два објекти кои ги засолнуваа луѓето раселени од борбите.