ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Враќање на трошоците за храна и превоз и зголемување на минималната плата ќе бара ССМ на првомајскиот протест

Според претседателот на ССМ, трошоците за превоз и храна, чие враќање ќе биде едно од главните барања на протестот по повод Денот на трудот – 1 Мај, треба да изнесуваат 20 проценти од просечната плата
Враќање на трошоците за храна и превоз и зголемување на минималната плата во првите 100 дена на новата влада ќе бидат главните барања што работниците ќе ги испорачаат на протестот на 1 мај по повод Денот на трудот што денеска на прес-конференција го најави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Стојан Трендафилов.Информирајќи за протестот, првиот човек на ССМ рече дека работничкото движење во земјава денес е исправено пред сериозен предизвик, кој според Трендафилов лежи во односот на креаторите на политиките, кои во изминатиот период покажале дека се грижат само себе, а не и за работниците.Првомајскиот протест, како што соопшти тој, ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом, по што неговата маршрута ќе тргне до Собранието и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата, каде што присутните ќе ги изложат своите пораки, дека не се задоволни и дека тие што чекаат да одлучуваат за нив на парламентарните избори треба да направат повеќе и да се погрижат повеќе за работниците.

Трендафилов рече дека ова не треба да се смета како повик од Сојузот на синдикатите на Македонија за учество на работничкиот протест на 1 мај, туку како повик од сите работници во земјава бидејќи сите заедно се соочуваат со притисокот од ниските плати, егзистенцијалните услови и со проблемите кои му се прават на синдикалното движење со конфискацијата на Работничкиот дом.

„Ние работниците излегуваме на протест и на 1 мај ќе побараме враќање на трошоците за храна и превоз, право кое го изгубивме во 2009 година поради бруто-системот на пресметка на плати во Македонија, ќе бараме зголемување на платите во првите 100 дена на новата влада, особено зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, онолку колку што истата изнесува во регионот за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани, работниците од Македонија да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси“,

рече претседателот на ССМ на прес-конференцијата.
Тој потсети на заостанатите плати кои ги бараат работниците во Јавното претпријатие „Македонски шуми“ и во „Водостопанство“ и на барањата на вработените во културата за исплата на плата согласно зголемувањето на минималната плата.

„Податоците на Управата за јавни приходи јасно кажуваат дека повеќе од 20 000 работници примаат плата помала од минималната плата. Тоа е недозволиво во едно општество и ја користиме приликата да ги повикаме сите работници, сите синдикати, сите организации кои се борат за работниците да се придружат на работничкиот протест на 1 мај… Пораките кои ќе ги испратиме на 1 мај треба да бидат црвен аларм за сите оние кои што ќе го очекуваат гласот на работниците на 8 мај. На ваков начин сметаме дека сега ни е можноста и шансата на нас како работници да бидеме гласни и да бидеме најгласни. Кој ако не ние, кога ако не денес“,

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.