ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

ВО ПОШТА ПОВТОРНО ПЛАЌАЊЕ СМЕТКИ, НО СО ПОВИСОКА ПРОВИЗИЈА

Граѓаните веќе нема да мораат, како во изминативе месеци, да одат во некоја банка за да ги платат сметките за струја, вода, телефон и останати режиски трошоци, туку тоа ќе можат да го направат во најблиската пошта.

Од денеска е вратен платниот промет на шалтерите, но нема веќе плаќање без провизија. За секоја сметка за режиски трошоци ќе се плаќа провизија од 35 денари. Претходно беше 15 денари. Плаќањето ќе се одвива преку Халк банка, која го доби бизнисот по пропаѓање на Еуростандард банката. 

„Услугата која банката ја прави во име на поштата е дефинирана од банката и како било која банка си пресметува провизија на услугата што ја врши, на финансиската услуга на платниот промет. Халк во име на пошта го врши платниот промет и финансиските услуги кон граѓаните.“ – вели Јани Макрадули, директор на Македонска пошта.

Поради тест период, до петок на располагање на граѓаните ќе им бидат 35 поштенски единици, а веќе од следната недела тоа ќе може да го прават во сите 300 објекти на Пошта. 

Поштата со години тоне во загуби. После неколку месечен прекин на платниот промет, Поштата се надева дека бизнисот ќе им живне и ќе се намалат милионските загуби. 

„Владата подготвува приватизација. Во игра е целосна продажба или преземање на компанијата со јавно приватно партнерство.“ – изјави Јани Макрадули, директор на Македонска пошта.

Ова не е прв обид за приватизација на некогашната златна кокошка. Уште во 2009 година имаше најави за продажба на компанијата на Канадската пошта. Но државата се откажа од оваа зделка, без објаснување и за тоа плати пенали од над 200 илјади канадски долари.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.