Во едно избирачко место се доцнеше, а во друго денеска нема да се гласа
Утрово од 7 часот се отворија гласачките места низ државата за шестите претседателски избори. Гласањето низ државава се одвива мирно. Според портпаролот на Државната изборна комисија во општина Боговиње гласањето задоцнило еден чaс, и истото ќе се продолжи за еден час. Додека во општина Студеничани поради проблеми гласањето се уште не е започнато и истото денеска нема да се одржи.
Според избирачкиот список на Државната изборна комисија, за предвремените локални избори во Охрид право на глас имаат 52.303 граѓани, во Дебар 18.625 и во Ново Село 11.365 граѓани.
Во општините Охрид и Дебар изборите за градоначалник се распишани поради ненадејната смрт на градоначалниците Јован Стојаноски и Ружди Љата, а во Ново Село ќе се избира нов градоначалник, бидејќи поранешниот Боро Стојчев поднесе оставка откако беше осуден на затворска казна поради обид за шверц на цигари.