Во Грција уште двајца заразени, Мицотакис повика на смиреност
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис повика на смиреност откако земјата денеска објави два нови случаи на коронавирус, со што вкупниот број на потврдени случаи е три.
„Паниката секогаш е најголемиот непријател во ваквите случаи“, рече Мицотакис на состанокот на кабинетот во Атина.
„Во исто време, треба да ги преземеме сите неопходни мерки за да спречиме вирусот да се шири понатаму, што е можно поефикасно“, рече тој.
Премиерот рече дека властите се држат до планот подготвен од грчкото Министерство за здравство. Планот содржи мерки што треба да се воведат во случај на масовна епидемија, вклучувајќи затворање на јавните локации и ограничувања на патувањата.
Властите денеска ја откажаа карневалската парада во крајбрежниот град Патра во Пелопонез закажана за 1 март.
Во меѓувреме, од Министерството за финансии е побарано да подготви прелиминарна процена за можното влијание на коронавирусот врз економијата, рече Мицотакис.
Официјален претставник на Банката на Грција за Ројтерс денеска изјави дека централната банка на земјата засега се држи до своите проекции за економски раст.