Вооружените сили на Грција ставени во состојба на борбена готовност

Грција од денеска е во состојба на борбена готовност откако Турција го испрати својот надзорен брод Орук Реис во област во рамките на грчката континентална плоча, потег што Атина го опиша како закана за мирот и стабилноста во регионот.
Според навигациониот телекс што го издаде, Анкара резервирала област јужно од грчкиот остров Кастелоризо за да спроведува истражување во текот на следните две недели. Како одговор на тоа, грчките вооружени сили беа ставени во состојба на апсолутна готовност, при што единиците на грчката морнарица и воздухопловните сили беа распоредени во поширокото море, каде што се очекуваше турското истражување.
Кога Орук Реис придружуван од бродови на турската морнарица влегол во грчката континентална плоча, грчките воени бродови испраќале пораки со фреквенција од околу 15 минути со барање бродот да ја напушти областа. Пораките не добиле одговор од бродот, кој, сепак, движејќи се со мала брзина – слична на онаа при процесот на пребарување – се подготвувал да продолжи со истражувачките активности во областа.
Во Атина е свикан итен состанок на највисокото тело за одлучување во земјата за надворешни работи и одбранбени прашања, КИСЕА. Министерот за надворешни работи Никос Дендијас издаде строга изјава во која ја повика Турција „веднаш да ги прекине своите незаконски дејства што го поткопуваат мирот и безбедноста во регионот“.
Тој додаде дека турскиот навигационен телекс „е нова сериозна ескалација и на најочигледен начин ја разоткрива дестабилизирачката и заканувачка улога на Турција“. „Грција нема да прифати никакви уцени. Таа ќе го брани својот суверенитет и суверените права“, рече тој.
За таа цел, Грција ги информирала и меѓународните играчи, вели Екатимерини, при што премиерот Киријакос Мицотакис разговарал по телефон со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
На грчката амбасада во Анкара, наводно, ѝ било наложено да поднесе демарш во турското Министерство за надворешни работи.
Турција ги отфрли грчките забелешки и рече дека ќе ги продолжи операциите таму. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека ниту една земја нема да подлегне на „смешни и неосновани тврдења“ како грчките. Министерството за надворешни работи соопшти дека военото присуство на Турција во областа не е дизајнирано да ги ескалира тензиите и е наменето само за одбранбени цели доколку тоа се смета за потребно.