ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Водечки британски имунолог: Ова веќе не е истата болест. Страшните сцени се минато

„Омикрон не е истата болест што ја имавме пред една година, а високите стапки на смртност од ковид во Велика Британија се минато”, изјави водечкиот британски имунолог Џон Бел за Би-би-си.

Бел, професор по медицина на Оксфорд и еден од научните советници на британската влада, рече дека и покрај порастот на хоспитализацијата во последните недели поради ширењето на омикрон кај населението, „болестта изгледа помалку опасна и пациентите поминуваат релативно кратко време во болниците“.

Помалку пациенти завршуваат на кислород, а просечното време што го поминуваат во болница се намали на три дена, додаде Бел.

Неколку научници ја критикуваа одлуката на британската влада да не воведе нови построги мерки во Англија пред новогодишната ноќ. Некои ја опишаа одлуката како „најголемиот јаз меѓу научните совети и законот“ од почетокот на пандемијата, наведе Гардијан.

Тие велат дека се загрижени затоа што, и покрај фактот што се чини дека омикрон предизвикува помалку сериозни симптоми, се работи за екстремно заразна варијанта на ковид, што значи дека бројот на хоспитализирани и починати може нагло да се зголеми без интервенција на владата.

„Имавме многу социјални контакти меѓу генерациите за време на Божиќ, па сега ќе видиме дали ќе имаме значително зголемување на бројот на пациенти во болниците со тешки симптоми на омикрон“, рече Крис Хопсон од НХС, британскиот систем за јавно здравство.

Но, професорот Џон Бел вели дека ситуацијата со омикрон сепак треба да биде подобра од ланската.

„Ужасните сцени што ги гледавме минатата година во преполните единици за интензивна нега, кога голем број луѓе умираа… според мене тоа е нешто од минатото“, рече Бел.

Тој, исто така, рече дека за време на брановите на ковид, вклучително и делта и омикрон, „инциденцата на тешки симптоми и смрт практично не се промени откако сите сме вакцинирани“.

Бел додаде дека пустите улици во изминатите неколку недели „покажаа дека луѓето се доста одговорни во однос на заштита од вирусот“.

Пол Хантер, професор по медицина на Универзитетот Источна Англија, размислува слично.

„Ова е болест која не оди никаде. На крај, ќе мораме да им дозволиме на луѓето позитивни на ковид да водат нормален живот, исто како што би направиле со секоја друга настинка. Ако правилата за самоизолација создаваат толку многу проблеми поврзани со ковид, можеби треба да го направиме тоа порано, а не подоцна, но засега сè уште не“, рече Хантер.

 Хантер додаде дека еден ден ќе го гледаме ковид како обична настинка, а објавувањето дневни податоци за заразените ќе биде непотребно.

„Можеби, штом ќе помине Велигден, ќе треба да почнеме да размислуваме за смирување. Тоа, се разбира, ќе зависи од тоа каква ќе биде болеста тогаш“, додаде Хантер.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.