ВМРО-ДПМНЕ пак се „групираше“ против Заев, кому Мицкоски му се закани дека ќе одговара за велепредавство

За да можат тука да пљачкосуваат, таму коленичат и се веднат. Затоа, сите ќе одговараат – кој за криминал, кој за велепредавство, а кој и за двете работи, им порача опозицискиот лидер на странските дипломати, додека до Софија упати порака дека „не постои такво парче хартија што ќе го почитува идната влада на ВМРО-ДПМНЕ“
Стратегијата на Заев е во играта на зборови, манипулација во која поразите ќе ги прикажува како штитење на идентитет. Па ќе слушнеме дека споделена и заедничка историја било едно исто, дека јазикот ни бил од АСНОМ па наваму, односно дрво без корен, а ако некој бугарски политичар скришум потшепне Македонци, тоа било голема дипломатска победа…Дај бе човеку не си играј со нашата интелигенција, му се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, од денешниот протестен собир, на премиерот Зоран Заев.

Прво со возила, а потоа во поголеми групи, приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ и денеска протстираа во центарот на Скопје, а Мицкоски, во своето обраќање, порача дека, иако Заев вели дека во преговорите со Бугарија се заштитени македонскиот идентитет и јазик, тој токму за тоа преговара и го продава.