Мицкоски очекува 14ти или 21ви мај како краен рок да се случат предвремени избори.
Иако министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека од следната недeла ќе се интензивираат консултациите за двотретинско мнозинство за уставни измени, лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски останува на ставот- овој парламентарен состав нема да ги вметне Бугарите во Уставот, какви и гаранции да постојат.
На брифинг со новинарите тој рече дека поединечно преговарање од власта со негови сопартијци нема, а за следните парламентарни избори во партиската програма ќе имаат понудено решение за проблемите со Бугарија и деблокада на евроинтеграциите.
Мицкоски очекува 14ти или 21ви мај како краен рок да се случат предвремени избори, а истите би се распишале во втората половина на јануари. За протести засега ВМРО-ДПМНЕ не размислува бидејќи од членството немало голем интерес.
-Состојбата во државата е неподнослива, но и внатре во владејачките партии пред се СДСМ- ДУИ и Алтернатива. Потребно е ресетирање на системот. Нереално е она што говори Ковачевски за избори во 2024 година и тоа прво претседателските, а потоа парламентарните. Во таков случај претседателските избори ќе бидат неуспешни и функцијата ќе ја извршува претседателот на Собранието, а ДУИ покрај функцијата претседател ќе има и технички премиер сосгласно договорот што го имаат со СДСМ, што значи монопол.- Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Според последната анкета на ВМРО-ДПМНЕ спроведена овој месец, излезноста на следните избори би била 53 отсто, или над 900 илјади гласачи. За опозициската партија се изјасниле 19,4 отсто, наспроти СДСМ 11,7 отсто. Анкетата на ВМРО-ДПМНЕ покажала и дека за мнозинството од граѓаните најголеми проблеми се нискиот стандард, високите цени и невработеноста, а најмалку доверба имаат во судството, владата, собранието…