ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека пензионерите остануваат без 300-700 денари покачување, СДСМ демантира
Со пензиската реформа на Владата годинава пензионерите во просек ќе бидат покуси за минимум 300 до 700 денари, обвинуваат од опозицијата.
Со новиот начин на пресметка на пензиите кој стартуваше на почетокот на годинава, нивното усогласување се врши само согласно растот на трошоците на живот, зголемувањето на платите повеќе не се зема предвид.
Со тоа велат од опозицјата, Влада создаде сериозен удар врз животниот стандард на пензионерите. Со исплатата на мартовската пензија највозрасните граѓани се уверија дека нивните примања во иднина ќе растат минимално.
Тонско -Самите пензионери увидоа и покрај онаа разлики за трите месеци дека има минимално зголемување на пензиите од 0,7% што еве да речеме на пензија е просечно од околу 15.000 денари значи некаде околу 100 денари. Усогласувањето доколку останеше старото законско решение требаше да биде 1,83% односно пензионерите се закинати за повеќе од 1 процентен поен што значи дека доколку оваа тенденција продолжи во текот на годината тие месечната пензија ќе ја примаат во помал износ од оној што можеше да биде со старото решение некаде од 300 до 700 денари, истакна Трајко Славевски.
За опозицијата не е реално ниту решението на Владата во растот на пензиите да се пресметува и БДП ако тој надмине 4 проценти со образложение дека сите меѓународни финансиски инситуции не посочуваат дека постои можност македонската економија да генерира таков процент на раст.
Од СДСМ пак тврдат дека новата пензиска реформа обезбедува редовни и повисоки пензии. Ќе помогне и за стабилизирање на пензискиот фонд каде како што велат, токму лошите политики на ВМРО ДПМНЕ оставија долг од 15 милијадри денари.
Ако некој ги кратеше пензиите тоа беше ВМРО-ДПМНЕ како претходна власт која правеше усогласувања надвор од законската рамка и не им го исплаќаше целото покачување на пензионерите кое им следуваше со Закон. Владата на ВМРО-ДПМНЕ треба да одговара за дефицитот на ПИОМ, кој од 2 милијарди во 2006 достигна 19 милијарди во 2017 година. Овој дефицит го плаќаат граѓаните, се вели во реакцијата од партијата.
Кога се донесе новата методологија на пресметка на пензиите, од министерството за труд појаснија дека тоа се направи за да не се зголеми старосната граница за пензионирање.