ВМРО-ДПМНЕ незадоволни од меѓупартиската средба – бараат корекција на предлогот и повикаа на протест
Преговарачката рамка може да се менува сè додека не се усвои од Македонија. А, тоа што СДСМ ветиле на друго место дека преговарачката рамка ќе ја прифатат таква како што е понудена, тоа е нивен проблем, кажа по денешната средба во Клубот на пратеници потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски
-Ставовите се различни, но духот беше конструктивен кажа вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, по средбата со партиските колеги од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците. Темата на разговорите беше францускиот предлот за надминување на спорот со соседна Бугарија, кој би го отворил патот за почеток на пристапни преговори со ЕУ
Без конкретен договор заврши денешната средба на партиските работни групи за францускиот предлог.
На средбата, ВМРО-ДПМНЕ своите позиции ги изнела во конкретен документ со шест предлог -корекции на францускиот предлог. Потпретседателот на партијата Александар Николоски кажа дека предлогот е неприфатлив, доколку не се направи корекција во конкретните точки од документите, за кои тие се подготвени да ги продолжат разговорите.
„Првите членови во кои интервенираме е точката 3 од Општиот став, каде што бараме реченицата -ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик, да се избришe. Ова го бараме затоа што сметаме дека македонскиот јазик е самостоен и независен и нема што Бугарија да дава мислење во однос на македoнскиот јазик кој ќе станува дел од документите на ЕУ и предлагаме јасно да пишува дека документите од ЕУ ќе бидат на македонски јазик. Ова е јасна формулација на македонски јазик“,
изјави Николоски по средбата.
Понатаму, ВМРО-ДПМНЕ бара од точката 5 во преговарачката рамка да се избрише последната алинеја која го вклучува Договорот за добрососедство.
„Се брише последната алинеја, која го вклучува Договорот за добрососедство како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување според членот 12. Во точка 5 се ставени критериумите според коишто Македонија ќе напредува. За сите држави тоа се копенхашките критериуми и договорите за стабилизација и асоцијација, само за Македoнија се додаваат билатералните договори и специјално членот 12, во којшто е предвидено дека Бугарија ќе има контрола врз нашата историја, учебници, образование и нашата самоидентификација“,
посочи Николоски.
ВМРО-ДПМНЕ бара да нема поделба на првата меѓувладина конференција и да не се условува со промена на Уставот, туку веднаш да започнат преговорите.
„Бараме да се избрише точката 11 која што гласи „оваа преговарачка рамка ќе ви ја презентираме врз основа на општиот став на ЕУ за време на следниот состанок на меѓувладината конференција која сме подготвени да ја одржиме без понатамошни одлагања или дополнителна политичка одлука, веднаш што Македонија ќе ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени“. Ние сметаме дека уставни измени не се потребни за Македонија да почне преговори со ЕУ. Следно што бараме да се избрише е точка 13 од преговарачката рамка која што исто така го дели преговарачкиот процес. И финално точка 14 од преговарачката рамка во која што пишува дека „во таа насока го поздравуваме договорот за протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија формирана согласно членот 12 од договорот за добрососедство со Бугарија, овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионална соработка кои што остануваат суштински елементи од процесот за проширување како и од процесот од стабилизација и асоцијација“, предлагаме да се избрише условувањето со усвојување на протоколот и следни протоколи кои што би ги имала Македонија со Бугарија, затоа што тие протоколи се уценувачки за Македонија и во истите се бара ревизија на македонската историја, македонската култура и самобитност“,
образложи Николоски.
Николоски вели дека иако позициите јасно биле презентирани, не добил впечаток дека власта е расположена за корекција на предлогот.
„Можам да искажам чувство дека кај власта расположение за ова нема и единствено што размислуваат е како да се разводнува процесот. Затоа ги повикувам сите граѓани, вечерва во 19 часот се гледаме повторно на протести пред Владата… Преговарачката рамка може да се менува сè додека не се усвои од Македонија. А, тоа што СДСМ ветиле на друго место дека преговарачката рамка ќе ја прифатат таква како што е понудена, тоа е нивен проблем“,
кажа Николоски и обвини дека власта го крие Протоколот бидејќи е лош.
Тој посочи дека Собранието не ја усвојува преговарачката рамка, туку Владата, па оттаму, какви било заклучоци да поминат низ собранискиот филтер, според него тие би биле необврзувачки.
„Собранието нема улога во овој процес, таа ќе дојде само во ситуација доколку се побара промена на Уставот, а тогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа“,
рече Николоски и посочи дека сепак се надева оти власта ќе ги прифати нивните забелешки.
Средбата се одржа во Клубот на пратениците, траеше повеќе часови, а учествуваа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, Антонио Милошоски и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, Арбер Адеми од ДУИ, Елми Азири од Алијанса на Албанците и Павле Трајанов од Демократскиот сојуз.