ВМРО-ДПМНЕ најавува потврди мерки и кандидати Албанци за пратеници
Неколку дена по активната блокада на Собранието, ВМРО-ДПМНЕ осмислува следни чекори на делување. Мицкоски најави дека на нивните листи на пратеници ќе има и кандидати Албанци. Но аналитичарите велат дека поради наративот кој го имаат, ним ќе им биде потешко да направат „албанска автентична“ понуда
На седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ највисокото раководство на партијата ќе одлучи кои ќе бидат следните чекори на делување, откако веќе неколку дена ја спроведуваат активната блокада во Собранието. Кои ќе бидат конкретните чекори засега не откриваат, но велат дека сите опции се на маса.
„Ќе разговараме и за следни чекори кои секако ќе бидат „потврди“ од блокадата на Собранието. Сите опции се на маса и сето она што го дозволува демократијата е на маса, но јас се надевам дека од власта ќе смогнат сили, а премиерот ќе се јави и ќе закаже лидерска средба на која ќе разговараме за датум за предвремени избори,“ изјави за телевизија Сител потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.
Од партијата се задоволни од резултатите на она што досега им го донела активната блокада во Собранието. Велат дека за само четири работни дена успеале да постигнат две цели. Прво, во Собранието освен што се усвои Дневен ред за една седница ниеден закон не е изгласан, а успеале и да спречат т.н. автентично толкување со кое, што велат, требало да се дозволи втор оператор за игри на среќа, во интерес на коалициониот партнер на СДСМ, ДУИ. Покрај ова од ВМРО-ДПМНЕ велат дека успеале во јавноста да ја подигнат свесноста за тоа што го прават.
Имајќи ги предвид претходните пракси во земја, политичкиот аналитичар Петар Арсовски очекува следните чекори на опозицијата да вклучуваат прелевање на блокадата на улиците.
„Следните чекори би можеле да значат блокирање на крстосници, да има протести, можеби и непослушност од градоначалниците итн. Дали тоа ќе им донесе полза или не, се уште е рано да се каже, бидејќи во моментот во јавноста се борат два конфликтни наративи, едниот на власта која вели дека блокадите и бојкотите не се упатни во ова време на криза и вториот од опозицијата која вели дека тие се неопходни за да се предизвикаат предвремени парламентарни избори“, вели Арсовски.
И додека опозицијата ги крои следните планови и стратегија на делување, нивниот лидер Христијан Мицкоски најави дека на следните листи за пратеници ќе има и кандидати Албанци. Тој вели дека е во контакт со Албанци и потенцијални кандидати од други етнички заедници и повтори дека ВМРО на следните избори цели да освои најмалку 61 пратеник, а приоритет за партнерство ќе има албанската опозиција.
Целта на македонската опозиција е на овој начин, како и СДСМ, да се приближи до квалификувано мнозинство, познато како Бадентер, анализираат домашните аналитичари. Некои од нив елат дека од последниот конгрес на ВМРО ДПМНЕ, оваа партија има нов пристап.
ВМРО-ДПМНЕ гледа и научи дека како ексклузивна етничка партија може да победи на избори, но не секогаш како победник може да формира и власт, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Затоа тој нов пристап кон Албанците има прагматична основа која ќе носи подобри и поконкретни резултати на партијата во однос на добивање на власт, независно дали е централна или локална власт.
Муслиу потсетува дека партијата ја научила лекцијата од изборите во 2016 година кога иако победи, не успеа да формира влада.
„ВМРО ДПМНЕ тогаш победи на изборите, но поради наративот кој го имаше тогаш и севкупните случувања ДУИ не коалицираше со нив. Така што ова е унапредување на политичкиот наратив на политичката сцена. И доколку направиме една ретропсектива од 90- тите години кога ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да формира коалициска влада со албанска политичка партија, ова што сега го слушаме е дефинитивно напредок“, вели Муслиу.
И на локалните избори во 2017 година имаше предизборна коалиција СДСМ и ДУИ која донесе добри резултати за нив, а ВМРО-ДПМНЕ пак доживеа пораз. Искуството покажа дека и во 2018 година на вториот круг од претседателските избори победи консензуалниот кандидат на СДСМ и ДУИ, па оттука вели е и оваа промена на стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, според Арсовски ако се има предвид политичкиот наратив на ВМРО-ДПМНЕ, на оваа партија ќе и биде многу потешко да направи албанска понуда, отколку на СДСМ.
„Тоа е затоа што долго време имаа попатриотски и понационално свртен. Но вистинското прашање е дали на понудата на листите на ВМРО-ДПМНЕ ќе се најдат албански кандидати од ВМРО-ДПМНЕ или тоа ќе бидат кандидати од албански партии со кои ВМРО-ДПМНЕ би била во коалиција. Второто би била поавтентична понуда за албанските гласачи, но ние во моментот не знаеме која е стратегијата“, вели Арсовски.
И лидерот на БЕСА, Биљал Касами чија партија е во опозиција за Радио Слободна Европа потврди дека добро ќе размислат за евентуална формална соработка со ВМРО-ДПМНЕ, потсетувајќи дека претходната соработка со СДСМ била разочарување затоа што се она што предизборно било договорено воопшто не се реализирало.