ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Власта и опозицијата поделени и за работничките права

Работничките права ги поделија власта и опозицијата. Премиерот Заев во честитката за 1-ви мај порачува дека и во пандемија, владините мерки придонесоа да се зачуваат илјадници работни места, вработените во образование, здравството, полиција, армија и социјален сектор земаат повисоки плати, а минималецот е зголемен за 6000 денари. 

Историската неправда кон стечајните работници се реши за околу 12.000 лица кои добиваат месечен надоместок од 8.000 денари до нивното пензионирање.

Економско-социјалниот совет е отворен дури и за оние синдикати кои не се репрезентативни, и со сите нив, во името на правата и грижата за работниците го креираме новиот текст на Предлог-законот за работните односи.

И конечно – недела ќе биде неработен ден. Почитувани граѓани, работнички и работници. Економијата ни е стабилна, кризата ја поминавме без поголеми потреси и конечно излегуваме од неа. За тоа сте најзаслужни токму вие и вашиот труд! Бидете горди поради тоа и знајте дека државата е тука секогаш за вас, затоа што оваа држава ја разбира и цени работничката мака, вели премиерот Заев. 

Според лидерот на опозицијата пак трудот и работникот никогаш не биле повеќе погазени од сега, а нема ниту надеж дека наскоро работите ќе се подобрат. 

Мерките кои оваа Влада ги превземаше беа или необмислени или задоцнети, па наместо конкретна помош се претворија во обична маркетинг шминка. Наместо ветуваните над милијарда евра помош, кај стопанството и кај работниците завршија само трошки. Време е тоа да се промени. Време е поразите и неуспесите да се заменат со чесна работа, посветеност и стратегија која ќе донесе добробит, подобар стандард и вреднуван труд, пишува Микокоски на Фејсбук. 

Спикерот Џафери пак вели дека заштитата на работничките права е приоритет за законодавниот ден секој ден во годината. 

Градењето на рамноправна заедница која се грижи за доброто на сите свои граѓани и ја стимулира желбата за личен и колективен придонес е одговорност на секој од нас. Нека биде таа одговорност мотив за менување кон подобро, пишува Џафери во честитката за 1 мај.

Ве молиме следете не и стиснете лајк
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.