(Видео) Камбек на Милановиќ – сигнал од „лузерот“ за преврат во ХДЗ
Инаугурацијата на петтиот претседател на Хрватска ќе се случи во февруари. Претседателот на Социјалдемократката партија (СДП) и на лево либералните партии, Зоран Милановиќ оствари убедлива победа над Колинда Грабар Китаровиќ. Милановиќ оствари огромна предност и дојде до „три во едно“. Беше лидер на партија, потоа премиер и сега шеф на држава. За него гласаа повеќе од 1,034 милиони гласачи, а за противкандидатката 928.000. Во секој случај Хрватска доживеа голема политичка промена и враќање на некогашниот премиер и долгогодишен лидер на СДП.
Пред само три години беше прогласен за лузер, а сега е нов претседател на Хрватска. Тоа воедно е голем триумф на левиот центар, кој на овие избори го поддржа Милановиќ. Говорот на Милановиќ пред симпатизерите и поддржувачите во Творница беше исклучително помирлив и во контекст на релаксирање на односите и поделбите во општеството. Практично тоа беше прво негово обраќање како претседател на сите граѓани на Хрватска.
Фото: slobodnaevropa.org
Јасно беше дека сака да упати порака дека во наредните пет години ќе се обиде успешно да ја одигра улогата на државник и дека нема самиот да си дозволи да функционира на далечинскиот управувач на партијата. Побара да не и се свири на Колинда Грабар Китаровиќ, па додаде дека ќе се труди да биде уво и глава за секој, а помалку рамо за плачење.
„Овие четири милиони колку нè има, го бараат своето место под сонцето, местото во Европа кој и покрај сите проблем што ги има е најдоброто место за живот, проект во кој Хрватска мора да го најде својот интерес и место“, најави новиот претседател на Хрватска, која го презеде претседавањето со Европската унија.
Фото: balkaninsight.com
Меѓу редови му упати и порака на лидерот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ.
„Нема да има тајни дилови. За мене сите партии ќе бидат исти, бидејќи ние сме парламентарна демократија. Се друго е пат во тиранија и самоволие, а претседателот мора да биде брана на тоа. Единствена сила е силата на говоророт и хрватскиот Устав, во кој има добри и помалку добри работи, но додека е на сила треба да се почитува“, заклучи Милановиќ.
Најголемата процентуална разлика Милановиќ ја имаше во Истра каде доби 78.000 гласа, а Китаровиќ 18.000. Во Вараждинската жупанија победи со 27.000 гласа разлика, во Меѓумурје со 26.000 гласа. Победи и во речиси сите поголеми градови. Во престолнината на Хрватска, Загреб освои над 70.000 гласа плус, Риека (20.000), Сплит (2.800). Осијек (1.000). Негови силни упоришта на овие избори беа и Пула, Вараждин, Чаковец, Копривница.
Фото: dw.com
Китаровиќ победи во Далмација, во Славонија и уште во неколку жупании, но осетно само во Сплитско-далматинската каде доби 32.000 гласа повеќе. Тоа се практично деловите од Хрватска кои беа најзафатени со виорот на војната и кои се потесно поврзани со ХДЗ, која како партија се доживува како синоним за бранителството и „домовинската војна“.
Китаровиќ, која во вкупниот скор загуби дури 200.000 гласови во споредба со претходните избори, што несомнено е порака на незадоволство од нејзините политики, но и од политиките на ХДЗ, очекувано доби поддршка и во дијаспората.
Китаровиќ победи во Македонија
Фото: direktno.hr
Е, да се сметаа само гласовите од дијаспората. Дури и вакви досетки можеа да се прочитаат вчера на социјалните мрежи. Во другите земји од бивша Југославија, Колинда имаше осетна предност, во Србија, според официјалните податоци на Државната изборна комисија, освоила 429 гласа, а Милановиќ само 12 гласа помалку. Во БиХ беше убедлива, освои 32.467 гласа додека Милановиќ само 2.701 глас. Во Македонија, исто така, однесе триумф. За неа во земјава гласале 80 лица, додека за Милановиќ 65. Во Словенија, пак, таа разлика беше 169:101, а во Црна Гора 209:103.
Фото: fenix-magazin.de
Победата на Милановиќ е ветар во грб и за СДП на која пред само неколку месеци и предвидуваа тотален крах. Лидерот Давор Бернардиќ, според аналитичарите, одигра извонредно прагматично давајќи му поддршка на Милановиќ со кого беа во заладени односи, откако во внатрепартиската битка тој го замени на челното место во СДП.
Третиот претседател на СДП, по Ивица Рачан и Милановиќ, вчера не можеше да ги скрие солзите. Тие се радосници. Бернардиќ, кој до вчера често беше предмет на исмевање, добро знае дека победата на Европските избори и сега на Милановиќ за неговата партија претставува инстантно вадење од пепелта.
Фото: expatincroatia.com
Последиците од поразот на Китаровиќ ќе се одразат во внатрешните односи во ХДЗ, но засега никој не може да предвиди дали сето тоа ќе заврши со тектонски промени. Внатрешните партиски избори најверојатно ќе им претходат на парламентарните избори на крајот на годината, иако веќе сега има шпекулации дека лидерот Пленковиќ бара начин како да го ескивира тоа соочување.
Во Изборниот штаб на ХДЗ владееше лоша атмосфера. Некои нè очекуваа пораз, други, пак, не беа изненадени. Особено, како што кажаа, поради коалицијата со Милан Бандиќ, градоначалникот на Загреб. Китаровиќ, која неодамна му ја испеа „Happy birthday“ на роденденската прослава во еден загрепски ресторан, не сфати дека името на Бандиќ не значи баш ништо бидејќи неговата верна армија гласачи нема што да добие и загуби на претседателските избори. Поголем дел од високите функционери сметаат дека ќе следат дополнителни турбуленции и тврдат дека наскоро ќе следи удар на лидерот и премиер, Анреј Пленковиќ од кого ќе се бара одговорност.
Фото: 24world.news
Дека следат бурни денови можеше да се почувствува и по изјавата на Миро Ковач кој ќе биде еден од противкандидатите на Пленковиќ на наредните внатрепартиски избори.
„Грабар Китаровиќ на некој начин ја плати политиката на ХДЗ. Ова е порака и за ХДЗ и за нашата кандидатка. Мора некои работи да промениме, ако сакаме да победиме. Гласачите на ХДЗ кои се десно од центарот кои се поконзервативни, вторпат испраќаат порака. Таа порака не се сфати доволно сериозно. И затоа имаме ваков резултат, кој за нас е лош. Мора некои работи да промениме, ако сакаме да победиме. Вака не можеме да одиме на парламентарни избори“, рече Ковач.
Дел од политичките првенци на ХДЗ веќе коментираат како шефот Пленковиќ во наредниот период ќе се обиде вината за поразот да ја префрли на некој друг. Според нив, тој наводно ќе го користи како алиби фактот дека ХДЗ направило се што може, но дека тоа се перзонализирани избори и дека најголемиот дел од нештата паднале врз нејзиниот грб.
На таа линија се и одредени аналитичари. Жарко Пуховски, на пример, смета дека победата на Милановиќ покажала дека комбинацијата – силен кандидат и слаба партиска машинерија, сепак, е поуспешна комбинација од силна партиска машинерија со слаба кандидатка.
„По мојот суд, ова е успех пред се на Милановиќ, па потоа на СДП, бидејќи ХДЗ ја влечеше Грабар Китаровиќ, а Милановиќ делумно имаше товар во СДП. И тој со тоа излезе на крај“, вели Пуховски.
Фото: narod.hr
Тој, сепак, смета дека победата на Милановиќ ќе влијае на парламентарните избори, а единствено прашање е колку Бернардиќ во наредните неколку месеци ќе „успее да ја упропасти одличната позиција во која сега се најде“.
На досегашните избори во Хрватска од 2000 година наваму, се покажа дека на претседателските избори не победуваше кандидатот на владејачката партија. Но, победата за шеф на државата знаеше да ја промени севкупната политичка клима и потоа да дојде и до промена на власта. Така беше случајот со Иво Јосиповиќ. По триумфот на претседатеслките избори во 2010 година како кандидат на СДП на наредните парламентарни избори падна од власт токму ХДЗ.
Фото: n1info.com
Од друга страна, првичните анализи во ХДЗ велат дека не е научена лекцијата од европските избори. Дека десните гласови тогаш им ги земала Ружа Томашиќ, а протестните Мислав Кулакушиќ, а сега десните гласови ги собрал Мирослав Шкоро кој имаше одличен резултат по првиот круг (освои над 465.000 гласови кои ХДЗ сега не успеа да си ги врати), а останатите Зоран Милановиќ.
Некои од членовите, пак, се сомневаат дека Пленковиќ може да ги избегне внатрепартиските избори пред парламентарните избори. Се проценува дека тој може да се одлучи за парламентарни избори кон крајот на хрватското претседателствување со ЕУ и на тој начин да избегне соочување со противкандидатите. Доколку би ги добил тие избори, малку кој после тоа би удел на негово рушење. Пленковиќ сега ќе треба да соработува со Милановиќ, но и притоа ќе стравува од нападите од десното крило на својата партија.
Давор Џенаро оценува дека победата на Милановиќ покажала дека иако во првиот круг 50 отсто од гласовите отидоа кај кандидатите на десницата, изборите не може да ги добиете со макијавелистичка политика на просто пресметување.
„Бирачкото тело жестоко ја казни Колинда за тоа кокетирање со крајната десница. Беше на самиот раб да излезе од уставната рамка и она што е подносливо во демократските општества. И побегна вториот мандат бидејќи загуби влијание на политички централно ориентираните гласачи“, вели Џенаро.