ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

(Видео) Захариева: Во Македонија сѐ уште се размислува тоталитарно, пример е прославата за Тито

Додека не добиеме законски гаранции дека политиката ќе се промени, не можеме да се согласиме за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија. Ова пред пратениците во бугарското собрание го изјави вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, која реферира за односите со Македонија по вчерашното вето.

Таа рече дека декларацијата на бугарското собрание за Македонија потпишана минатата година ја потврдила надворешната политика на Бугарија кон земјата и ја дало потребната политичка тежина за одбрана на бугарскиот национален интерес при преговорите со Скопје, пренесе „Бгнес“.

Захариева тврди дека Бугарија ги вложила сите неопходни напори да постигне нов почеток во односите со Македонија – од признавањето на нејзината независност до бугарската помош за справувањето со Ковид-19.

Според неа, Бугарија секогаш покажувала „постојаност, предвидливост, транспарентност и конструктивност“.

„И покрај сите наши манифестации на добрососедство, Скопје не ја смени суштината на својата политика кон Бугарија. Обврските кон нашата земја останаа само декларативни, а во суштина Скопје ја продолжи својата политика за поддршка на неоснованите малцински, историски, јазични и други тврдења. Имаме долг список на случаи во кои тие не се придржуваат до потпишаните билатерални документи“, рече Захариева пред пратениците.

Од собраниската говорница Захариева рече дека, според нејзиното мислење, во Македонија сè уште се размислува на тоталитарен начин, а како пример го посочи повикот за прослава на годишнината од смртта на Јосип Броз Тито.

„Додека многу други републики на поранешна Југославија им оддаваат почит на жртвите од режимот на Тито, во Скопје се велича неговото наследство. За жал, оваа идеолошка конструкција, негувана од „длабоката држава“ за која зборува поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, го заробува општеството“, рече Захариева.

Захариева како пречки за Македонија на патот кон ЕУ ги спомена и бугарскиот бизнис во Македонија, доцнењето на транспортниот Коридор 8, антибугарска реторика во медиумите и искривената презентација во медиумите на бугарската позиција.

„Ја оставаме отворена вратата за комуникација и подготвени сме во секое време за билатерални преговори со РС Македонија“, додаде Захариева.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.