ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Вакцинираните со две дози имаат полесни симптоми на ковид, но болнички се лекуваат оние со дополнителни заболувања

Има пациенти што се со срцеви, бубрежни или други хронични заболувања и затоа е потребно да имаат болничка нега, вели директорката на Инфективната клиника во Скопје, д-р Милена Стевановиќ

Вакцинираните пациенти хоспитализирани поради ковид примале различни вакцини од сите што се на располагање во државата, но има и пациенти што се вакцинирале во странство со „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, велат од Министерство за здравство

Во изминатите две недели од 6 до 19 август) на територија на државата позитивни на ковид се 9 881 граѓани, соопшти денеска Министерството за здравство.

Од нив само 15% биле целосно вакцинирани, односно 1 507 лица, што значи дека најголем број од новозаразените се невакцинирани – според двонеделната статистика 8 374 граѓани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 91%, додека само 9% се целосно вакцинирани.

Вакцините помагаат за полесна слика

Пациентите со примени две дози на вакцина, кои се дијагностицирани со ковид-19, имаат полесна клиничка слика од невакцинираните, вели за „360 степени“ директорката на Инфективната клиника д-р Милена Стевановиќ. Таа појаснува дека тие се хоспитализираат бидејќи станува збор за пациенти што имаат претходни хронични заболувања и, иако се со полесни симптоми на ковид-19, имаат потешка клиничка слика на другите заболувања, па потребно е нивната здравствена состојба болнички да се третира.„Има пациенти што се со срцеви, бубрежни или други хронични заболувања и затоа е потребно да имаат болничка нега. Тие немаат тешка ковид-состојба, но поради тешката состојба на другите заболувања се хоспитализирани и нивната состојба се следи. На Инфективната клиника има пет пациенти што се некомплетно вакцинирани, односно со примена една доза на вакцина и еден повозрасен пациент кој примил две дози на вакцина. Вакцината нема целосно да нè заштити за да не се заразиме со вирусот, но целосно вакцинираните пациенти ќе поминат полесно и тоа всушност ни се потврдува секојдневно следејќи ги пациентите“,

Од Министерството за здравство велат дека само околу 10 отсто од сите хоспитализирани во државата се пациенти што биле вакцинирани против ковид. Според податоците на Министерството, во ковид-центрите низ државата се хоспитализирани вкупно 724 ковид-пациенти.

„Пациентите што се хоспитализирани и целосно вакцинирани, според инфектолозите, се со полесна клиничка слика за разлика од оние што се невакцинирани. Вакцинираните хоспитализирани пациенти имаат други хронични заболувања, имале посериозни болести во минатото или операции и слични здравствени состојби и имаат потреба од надзор од стручни лица. Околу 10 отсто од сите хоспитализирани во државата се граѓани што се вакцинирани“,

Додаваат дека пациентите со две дози на вакцина, кои се дијагностицирани со ковид и болнички се лекуваат, имаат примено различни вакцини.
„Пациентите се вакцинирани со сите вакцини што ги имаме на располагање во државата, а има хоспитализирани пациенти што примиле вакцина од ‘Модерна’ и ‘Џонсон и Џонсон’ и тие пациенти биле вакцинирани во странство“,
велат од Министерството за здравство.
Според податоците на Министерството за здравство, на ниво на цела територија на државата со ковид се хоспитализирани 724 пациенти, од нив најмногу во Тетово, потоа на Инфективната клиника во Скопје, во Гостивар, во Куманово и во Струмица. Во другите градови бројката на хоспитализирани е под 30 ковид-пациенти, додека пак во моментов во болниците во Кочани и Гевгелија нема хоспитализирани поради ковид.
Please follow and like us:
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.