„Булдожер дипломатија“ во пресрет на средбата во Охрид
Се зголемува дипломатскиот притисок врз Србија и Косово. После посетата на евроспките претставници на Белград и Приштина, во регионот доаѓа и специјалниот пратеник на САД за западен балкан, Габриел Ескобар.
Американскиот дипломат најпрво ќе го посети Белград каде ќе го пренесе ставот на САД во однос на понатамошните разговори за нормализација на односите меѓу двете страни а потоа ќе замине и за Косово.
Во пресрет на средбата во Охрид меѓу Александар Вучиќ и Албин Курти, САД очекуваат да биде постигнат договор за спроведување на европскиот план за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.
„Очекуваме дека двете страни ќе ги искористат разговорите во Охрид, Северна Македонија, за да ја покажат својата посветеност за мирна иднина на регионот. Ги охрабруваме страните да продолжат да се ангажираат конструктивно и флексибилно додека се движат кон целосна имплементација на овој предлог. Целосно го поддржуваме дијалогот со посредство на Европската унија.“ – велат од Стејт Департментот.
Косовскиот премиер Албин Курти оптимист во пресрет на средбата, но вели, не зависи само од мене дали ќе постигнеме договор.
„Планот за имплементација мора да се разговара во Охрид, а можеби и не само таму. Оптимист сум, но сега, дали ќе успее, тоа не зависи само од мене. Се понудив да го потпишам европскиот предлог на 27 февруари во Брисел, но другата страна ниту беше подготвена ниту заинтересирана.“ – изјави Курти.
По завршувањето на последната рунда преговори со српските и косовоските власти, специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, порача дека ако не биде формирана Заедницата на српски општини, нема да се постигне договор. Лајчак им порача на двете страни на европшскиот предлог да гледаат како на обид за нормализација на односите а не како на капитулација на некоја од засегнатите страни.
„Имавме средба на 27 февруари во Брисел и таму беше договорено дека повеќе нема потреба да се расправа за текстот на нашиот предлог. Меѓутоа, за да се оствари тој текст, треба да се договориме за правилата – каков е редоследот на чекорите, кој, што и кога треба да прави. Нивото на доверба меѓу двете страни е ниско и двете страни бараат гаранции.“ – изјави Мирослав Лајчак специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Белград-Приштина.
Европскиот дипломат во изминативе денови го подготвуваше теренот за состанок меѓу српскиот претседател и косовскиот премиер кој треба да се оддржи на 18 март во Охрид.