Бугарски обвинител ја кажа првичната проценка за причините за трагедијата во Бугарија
Брзината на автобусот на „Беса Транс“ на автопатот „Струма“ во Бугарија најверојатно била несоодветна со условите на самиот пат, а ноќта кога автобусот се запали и настрадаа 45 лица, врнело дожд и патот бил влажен. Ова го изјави обвинителот и шефот на бугарската Националана истражна служба, Борислав Сарафов за БНТ. Според него, автобусот се движел и со брзина поголема од 90 километри на час.
„Во никој случај нема причинско – последична поврзаност помеѓу катастрофата и лошата сигнализација на патот. Тоа до некој степен му ја олеснува положбата на возачот, но во секој случај треба да биде внимателен, да вози со прилагодена брзина и поконцентрирано“, рече Сарафов.
Истрагата за тоа како се случила несреќата привршува. Бугарските истражни органи ги очекуваат уште резултатите од вештачењата, како на судска медицина, техничките, но и вештачењето за пожарот. Обвинителот Сарафов овие извештаи ги очекува дури и пред Нова Година. Од друга страна, докементи прибира и македонското обвинителство. Се чекаат извештаите на Царинската Управа за тоа како автобусот на „Беса Транс“ бил пропуштан повеќе од 100 пати на граница без дозбола за превоз на патници. Се анализираат и документите кои крим – техника по налог на ОЈО ги зеде од транспортната фирма, „Беса Транс“.
„Предметот кој се однесува на работењето на правниот субјект – организатор на патувањето, како и постапувањето на други надлежни органи, е во фаза на предистражна постапка во рамките на која интензивно се преземаат дејствија за утврдување на фактите и евентуална кривична одговорност. Но, со цел да не и се наштети на постапката, во оваа фаза не сме во можност да споделиме повеќе детали за дејствијата кои се преземаат“, велат од Обвинителството.
Автобуската несреќа се случи во раните утрински часови на 23 ноември. Бугарските истражни органи досега утврдија дека автобусот од засега непознати причини прво удира во десната заштитна орграда, која го дели патот со простор за одмор. Потоа автобусот излетува налево и удира во средишната банкина по која се движи кратко и застанува. Од ударите се дупнал резервоарот за гориво по што настанал и пожарот, а автобусот останува заглавен меѓу средишната ограда на автопатот „Струма“. Во тие моементи, вратите на автобусот не можеле да се отворат. Во несреќата загинаа 45 граѓани на земјава, меѓу кои и 12 деца, а седуммина се повредени.