Бугарија се движи кон нови парламентарни избори на есен
Бугарија се движи кон трети по ред парламентарни избори годинава откако пропадна обидот на ИТН да формира нова Влада.
Ваквиот тек на настаните дојде откако кандидатот за премиер Пламен Николов вчера ја повлече кандидатурата, а партиите кои првично најавија поддршка за идната Влада ја повлекоа, пред се, поради несогласувањата за распределбата на министерските позиции. Претставниците на политичките партии не штедеа зборови и обвинувања за тоа кој е крив за ситуацијата во којa се наоѓа државата еден месец по изборите.
-Одговорноста е нивна, имаше можност да имаат кабинет. Тие можеа да се однесуваат партнерски, но се однесуваа како предавници, вели Тошко Јорданов- ИТН.
-Ние се уште е надеваме дека здравиот разум ќе надвладее, инаку ако не успее да се формира Влада по третиот мандатот, тоа уставот го кажува, следно е избори, вели Христо Иванов – Демократска Бугарија.
-Јас ли сум ги довела во таква ситуација, јас ли да ги извадам од тоа? Да не сум им Мајка Тереза? – вели Татјана Дончева – Исправи се.
Повлекувањето на Николов ќе се гласа во текот на утрешниот ден, а во меѓувреме, најавени се консултации меѓу политичките партии идните чекори на Собранието. Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов пак, чија партија е втора по бројот на пратеници, порача дека и да го добијат мандатот, ќе предложат кабинет со Даниел Митов, а потоа ќе го вратат мандатот. Борисов предупреди дека земјата е на раб на парламентарна криза, а политичката би можела наскоро да стане и уставна криза.
-Кога започнува една предизборна кампања, партиите на плакатите ставаат свој слоган. Нашиот е „Ред во хаосот“. Во последните денови нема бугарски политичар кој не кажа дека е хаос. Само нашиот слоган се покажа точен. Време е за друго велат од Има таков народ. Епа видете што е тоа друго, тоа е другото –хаос, вели Бојко Борисов – Претседател на ГЕРБ.
Според бугарскиот устав, ќе има уште два обида за формирање на Влада од останатите политички партии, но шансите за успех се ограничени имајќи предвид дека распоредот на силите во бугарскиот Собрание е таков што без мандатите на ИТН или ГЕРБ на Борисов не е возможно да се состави нова Влада. Шоуменот Слави Трифонов во неколку наврати најави дека неговата партија нема да поддржи ниту една друга партија, а ГЕРБ и БСП пак порачаа дека нема да го поддржат Трифонов ниту пак едни со други.