ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

„Бугарија го прекрши договорот за добрососедство“ – Брнз: Македонија да го заземе заслуженото место во ЕУ

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров упати критики кон Бугарија за кршење на Договорот. Ова доаѓа откако од бугарска страна постојано се испраќаат обвинувања кон Македонија за неисполнување на Договорот и покрај нејзината посветеност и прифаќање на барања од официјална Софија надвор од Договорот. Во последно време за надминување на спорот што го наметна Бугарија се вклучија и Соединетите Американски Држави. Димитров вели дека САД активно работи на решавање на отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија од кои директно зависи европската интеграција на земјава. Македонија сака решение, но истото смета дека не треба да се темели на уцени, вели тој.

„Бугарија го прекрши членот 2 од договорот, кој што зборува дека Софија ќе ни помага на eвропскиот пат, а нема да ни одмага, а најмалку ќе не блокира. Ние доживеавме две вета, доживеавме и проблематизирање на нешто што е многу внатрешно, нашиот јазик, македонскиот јазик на европско ниво и во таа смисла овие чекори го направија вистинскиот искрен дијалог многу тежок“, вели Никола Димитров.

Амбасадорката на САД во земјава Кејт Мери Брнз потврдува дека тие се вклучуваат во ова прашање и во разговорите. Ја делиме истата визија Северна Македонија да го заземе заслуженото место во Европската унија и се надеваме тоа ќе биде бргу, вели Брнз.

„Ние ја гледаме македонскатa иднина во Европската унија и ја потврдуваме важноста на разрешавање на прашањата и се надеваме дека ќе продолжи до крајот на годината, продолжуваме разговор со сите партнери, разговор со Владата овде во Скопје, разговори со соседните земји и низ цела Европа да се погрижиме да направиме се што можеме за да го поддржиме движењето на процесот напред“, посочи Кејт Мери Брнз.

Деновиве со реакција се јави претседателот на Бугарија Румен Радев кој обвини дека Македонија не го исполнува Договорот. Веднаш потоа премиерот Зоран Заев најави дека од спомениците и учебниците ќе се брише бугарскиот фашистички окупатор, за што во јавноста имаше бројни реакции дека е недозволиво бришење на македонската историја.

„Шокантно. Нека оди и нека им го каже тоа на внуците, синовите и ќерките, на луѓето кои што своите животи ги загубија во Треблинка, притоа уапсени и ставени во вагони од страна на раката на бугарскиот фашистички окупатор. Тие биле фашисти, ние сме се бореле против тие фашисти и наместо да бараат да бришеме учебници треба да дојдат овде и да се извинат на овој народ“, истакна Христијан Мицкоски.

Реакциите од соседна Бугарија се заострија по последната посета на еврокомесарот Вархеи на официјална Софија што се случи деновиве, а особено по најавата дека во решавањето на спорот меѓу Македонија и Бугарија се вклучуваат и Соединетите Американски Држави.
Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.