ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Бугарија ги поткопува длабоките македонски корени

Одговорот на официјална Софија на понудениот Акциски план од македонска страна длабоко го загрозува македонскиот идентитет, иако дипломатите првично информираа дека Акцискиот план што бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева му го предаде на специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски, содржи иницијативи поврзани со инфраструктурата и образованието. Претседателот на државата Стево Пендаровски потврди дека бугарските барањата околу македонскиот идентитет сепак се дел од одговорот на официјална Софија на понудениот Акциски план. Во меѓувреме Софија инванзивно ги презентира своите цврсти позиции во однос на овие барања, со што не сака да остави никаков простор за евентуално омекнување на ставовите. Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов порача дека продолжуваат дебатите и преговорите меѓу Скопје и Софија, но Македонија треба да ги прилагоди своите политики и политичарите во земјава да го преиспитаат она што го прават. Каракачанов обвини дека македонските политичари бараат компромис, а кога тој ќе им биде понуден, се незаинтересирани. Владата на Заев, вели, најмногу барала компромис.

-ДОГОВОРИТЕ СЕ ПОТПИШУВААТ ЗА ДА БИДАТ ИСПОЛНЕТИ. ЗА ЖАЛ, ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА МИСЛЕА ДЕКА ПОТПИШУВААТ ДОГОВОР, НО МОЖЕБИ НЕМА ДА ГО ИСПОЛНАТ. ТАМУ И ДО ДЕНЕС, И ПОКРАЈ СИТЕ ПЕРИПЕТИИ ВО ТЕКОТ НА ГОДИНИТЕ, И ПОКРАЈ ТЕРОРОТ ШТО БЕШЕ НАМЕТНАТ ПО 1944 ГОДИНА ВО ТИТОВА ЈУГОСЛАВИЈА, СÈ УШТЕ ИМА МНОГУ ЛУЃЕ КОИ СЕ НАРЕКУВААТ БУГАРИ. ИМАМЕ МОРАЛНА И ИСТОРИСКА ПОСВЕТЕНОСТ КОН ОВИЕ ЛУЃЕ. НО, КОГА ПРАВИШ КОМПРОМИС СО ПОЛИТИЧАРИТЕ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, ТИЕ ТОА ГО ДОЖИВУВААТ НЕ КАКО БЛАГОРОДЕН ГЕСТ, ТУКУ КАКО СЛАБОСТ И НЕЗАИНТЕРЕСИРАНОСТ. НЕ САКАМЕ ДА СЕ ОТКАЖАТ ОД СВОЈОТ ИДЕНТИТЕТ. САКАМЕ НЕШТО МНОГУ ЕДНОСТАВНО: ДА БИДАТ ТОЛКУ ДОБРИ ВО СОЗДАВАЊЕТО НА НИВНИОТ ИДЕНТИТЕТ КОГА ВЕЌЕ ИМА УСЛОВИ ЗА ТОА, РЕЧЕ КАРАКАЧАНОВ ВО ИНТЕРВЈУ НА БНТ.

Тој истакна дека Македонија е стратешка тема за Бугарија и Софија не може да се согласи со она што се случува во земјава и никакви избори не се причината. Каракачанов е категоричен дека Бугарија не ја затворила вратата.

Викендов во интервју за МИА претседателот Пендаровски ја потврди изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи дека во бугарскиот одговор има делови кои се надоврзуваат на македонскиот акциски план, но и делови со кои првпат се соочуваме.

 -ОДГОВОРОТ ШТО ГО ВИДОВ ОД БУГАРСКА СТРАНА НА НАШИОТ АКЦИСКИ ПЛАН ПРАКТИЧНО НЕ ОДГОВАРА НА ЕДЕН ДЕЛ ОД НАШИТЕ БАРАЊА. ИМА И ЗА ТОА, МЕЃУТОА, ПОВТОРНО ВО ТОА ВМЕТНУВАТЕ ШТО ВИЕ МИСЛИТЕ ЗА ИДЕНТИТЕТСКИТЕ БЕЛЕЗИ НА МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА. НИЕ ТОА НЕ ГО БАРАМЕ. НЕ ГО СПОМНУВАМЕ ВО АКЦИСКИОТ ПЛАН БИДЕЈЌИ ТОА Е НАДВОР ОД КАКВИ БИЛО ПРЕГОВОРИ. ВИ РЕКОВ, МОЖЕМЕ СЕКОЈА ДРУГА ОБЛАСТ ДА ЈА ЗБОРУВАМЕ, НЕ СМЕЕМЕ И НЕМА ДА ЗБОРУВАМЕ СИГУРНО ЗА ТОА КОИ СМЕ, ШТО СМЕ ИТН., ВЕЛИ ПЕНДАРОВСКИ ВО ИНТЕРВЈУТО.

Според него, главниот проблем е инсистирањето на Бугарија дека во идентитетските маркери на македонската нација треба пред 1944 година да се потпише дека биле бугарски, односно дека корените биле бугарски, на што никогаш не сме се согласиле ниту ќе се согласиме во иднина.

– Меѓутоа ако не успеавме да постигнеме согласност од двете страни, особено од софиска да нè пропуштат, да ни дозволат да почнеме со првото ниво во декември, од тие причини со користење на познатиот нивни вокабулар не верувам дека сега можеме тоа да го направиме во јануари, февруари, март. Значи, станува збор за еден пристап инициран од наша страна, за кој се надевам дека бугарската страна ќе се согласи, кој треба да ја изгради повторно атмосферата на доверба, за да можеме да разговараме за сите прашања. Повторувам, не станува збор за никаков нов договор, додаток на договор, протокол, анекс итн., потенцира претседателот на Републиката.

Шефот на државата не е голем оптимист дека можен е голем напредок во односите со Бугарија и целосно тргање на ветото за почеток на преговори по нивните избори напролет.

-Воопшто не верувам дека каква било промена, евентуално ако има, тоа е работа на бугарските граѓани и народ кој ќе им биде таму власт, меѓутоа каква и да има промена, не верувам дека ќе има промена во оваа, бидејќи оваа е апсолутно потврдена и поддржана од сите релевантни политички сили во бугарска црвена линија, вели Пендаровски.

Тој сепак очекува поактивна улога од Брисел, бидејќи како што вели прашањето за интеграција на Западниот Балкан е стратегиско прашање за ЕУ, а не е само прашање на луѓето што живеат во државите од регионот. Очекува и посилен ангажман на новата американска администрација на Западниот Балкан, каде, вели, се уште има нерешени прашања.

Апел до ЕУ да се вклучи во решавање на македонско-бугарскиот спор викендов упати и поранешниот амбасадор на Европската Унија во Македонија, Ерван Фуере, оценувајќи дека во спротивно може да се заглавиме во оваа ситуација извесно време.

– Мислам дека изборите во Бугарија, за жал, нема да донесат ништо ново, па нема поента ЕУ да чека за да дејствува. Европските институции треба да бидат поинвентивни во пристапот. Имаат инструменти кои треба да ги користат, како медијација, со поголем фокус на изучување на историјата. Многу, многу инструменти кои можат да се искористат, а да не се блокира почетокот на преговорите. Грижата е ако ЕУ не се вклучи, и ако притисокот од Бугарија е толку силен што Владата во Северна Македонија може да се чувствува обврзана да ги прифати позициите кои би можеле да бидат контрапродуктивни на долг рок, кои може да го свртат јавното мислење против неа. Ова ќе биде голема грешка за стабилноста на Западен Балкан бидејќи ќе воспостави многу опасен преседан за во иднина, рече Фуере во телевизиско интервју.

Пендаровски најави и дека министерот за надворешни, Османи и вицепремиерот Димитров ќе учествуваат на седница на собраниската Комисија за надворешни работи на која што ќе ги презентираат последните информации околу разговорите со Бугарија, што во неколку наврати го бараше претседателот на комисијата, Антонио Милошоски. По неговата последна покана минатата недела, од Владата потврдија дека постои расположение за учество на Комисијата, но деталите допрва треба да бидат прецизирани.

 -ПРЕТСТАВНИЦИ НА ВЛАДАТА СЕ ПОДГОТВЕНИ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ ДА ПРЕЗЕНТИРААТ ИНФОРМАЦИИ ПОВРЗАНИ СО ПРЕГОВОРИТЕ СО РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА. ВО КОМУНИКАЦИЈА ПОТВРДЕНО Е ДЕКА ПОСТОИ ИНТЕРЕС ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА СЕСИЈАТА ВО СОБРАНИЕТО, ПЕРИОДОВ ЌЕ СЛЕДИ УСОГЛАСУВАЊЕ НА ТЕРМИНИТЕ СОГЛАСНО АГЕНДИТЕ, ПО ШТО ЈАВНОСТА ЌЕ БИДЕ ИНФОРМИРАНА, СООПШТИЈА ОД ВЛАДАТА.

За разлика од политичарите во земјава, бугарскиот Парламент усвои резолуција за Македонија и властите постојано се повикуваат дека во земјата постои едногласнот по однос на прашањето за Македонија и дека не може да има отстапки од барањата.

Текстот на Акцискиот план во следниот период ќе биде во фокусот на разговорите меѓу двете земји, како кај политичарите така и во рамките на Мешовитата историска комисија, која неофицијално треба повторно да се состане в петок, откако на последниот состанок имаше нула напредок поради несогласување меѓу македонската и бугарската страна за користење на терминот македонски јазик во записниците од работата на комисија.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.