Брнз: Со членството на Северна Македонија, НАТО дополнително се засили
НАТО е група од 30 суверени, независни земји кои споделуваат заеднички идеали за заштита на своите граѓани, почитување на нивните соседи и обезбедување посигурна, стабилна иднина за цела Европа. Посветеноста на Северна Македонија на овие принципи е несомнено силна. А со Северна Македонија, сојузот само се засили, изјави американската амбасадорка Кејт Мери Брнз, на одбележувањето на Денот на НАТО – 4 Април, настан во организација на Евроатлантскиот Совет на Северна Македонија, а во соработка со Министерството за одбрана, Едукативниот Центар М6 и НАТО Секторот за јавна дипломатија од Брисел.
Како депозитар на НАТО, САД беа првите што и посакаа добредојде на Северна Македонија во Алијансата пред две години.
– Како рамноправен партнер, горди сме што стоиме обединети со Северна Македонија и секој НАТО сојузник во нашата желба „да живееме во мир со сите народи и сите влади“, порача Брнз, во своето видео обраќање.
Сега, кога неоправданата агресија на Русија во Украина ја загрозува регионалната безбедност, Брнз вели дека, гледаме колку е важно тоа партнерство и за Северна Македонија и за Европа.
– Како вреден и рамноправен партнер, Северна Македонија доброволно го сподели товарот за одговор на оваа актуелна закана. Стоејќи рамо до рамо во солидарност со своите соседи и сојузници цврста во својата посветеност на мирот и безбедноста за цела Европа преку дипломатски и воени средства – Северна Македонија е пример на духот на овој одбранбен сојуз кој беше создаден пред 73 години, изјави Брнз, во видео обраќање.
НАТО е сојуз на дела и зборови, рече Брнз и додаде дека Северна Македонија продолжува да го почитува своето ветување дека ќе ја исполни обврската за инвестирање во одбраната до 2024 година.
– Министерството за одбрана и Владата на Северна Македонија продолжуваат да прават чекори во надградба и модернизирање на војската на земјата преку нова опрема, обука на специјалните сили и зголемена подготвеност меѓу нејзините агенции за одговор на вонредни состојби од невоен карактер, изјави Брнз.