Брегзит на повидок, Брисел и Лондон ја договорија и политичката декларација
Велика Британија и ЕУ ја договорија нацрт спогодбата за нивните идни односи, отварајќи го патот да биде постигнат договорот за Брегзит уште овој викенд. Политичката декларација, во која меѓу другото се усогласуваат прашањата за трговијата и безбедноста, е начелно договорена, соопшти претседателот на Европскиот совет Доналд Туск. Британската премиерка тврди дека ова е вистинскиот договор.
Ова е вистинскиот договор за Обединетото Кралство. Тој е во линија на резултатите од референдумот. Ни ја враќа контролата врз границите, нашите пари и нашите закони и во исто време ги заштитува работните места, нашата безбедност и интегритетот на Обединетото Кралство, порача Меј.
Минатата недела Лондон и Брисел го договорија правно обврзувачкиот нацрт договор за повлекувањето од унијата. Документот на 585 страници го уредува напуштањето и најтешките прашања околу него, порамнувањето на сметките, што ќе го чини Лондон 39 милијарди фунти, правата на иселениците од двете страни и условот за незатварање на северноирската граница. Нацрт договорот мора да биде одобрен од Парламентот, но таму беше дочекан на нож и Тереза Меј по втор пат избегна гласање недоверба, иницирано од нејзината сопствена партија. Очекувањата се дека таму ја чекаат нови турбуленции.
Гравитациониот центар во Вестминстер најверојатно лежи поблиску до позициите на Лабуристичката партија. Затоа можеби ќе видиме уште еден обид да се тргне Тереза Меј ако не успее да го протне договорот низ Вестминстер. Може да биде сменета поради пуч во нејзината партија, вели професорот на универзитетот во Белфаст.
Нацрт спогодбата не се очекува да помине многу лесно ниту на вонредниот европски самит, закажан за викендот. Шпанија има забелешки за статусот на Гибралтар и инсистира дека тоа мора да биде договорено директно меѓу Мадрид и Лондон, бес мешање од Брисел. Франција од друга страна не се согласува со одредени точки од договорот кои ги уредуваат правата за риболов во британските води. Сето ова значи дека иако во нацрт договорот има очигледен обид да се задоволат сите страни, сепак за многу прашање ќе треба да се преговара долго по формалното напуштање на унијата.