ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Борис Џонсон: „Нема да ѝ платам на ЕУ 39 милијарди фунти за брегзитот“

Поранешниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон, кој е фаворит за нов британски премиер, кажа дека ќе одбие да ја плати „сметката за разводот“ која изнесува 39 милијарди фунти ако ЕУ не понуди подобри услови.

Британија ќе ја плати „сметката“ од 39 милијарди фунти само ако постои „поголема јаснотија“ во постигнувањето на договорот, изјави Џонсон во интервју за неделното издание на весникот Тајмс.

„Секогаш сметав дека е многу необично тоа што ние треба да го издадеме чекот пред постигнувањето конечен договор“, кажа Џонсон. „Во постигнувањето добар договор парите се разредувач и многу добар лубрикант“.

Тереза Меј даде оставка на позицијата претседателка на Конзервативната партија во петокот, што предизвика партиска трка за нејзин наследник, но не и парламентарни избори.

Премиерката Меј го објави својот план за поднесување оставка минатиот месец, прифаќајќи дека не успеала да склучи договор за британското излегување од Европската Унија.

Меј останува премиерка до изборот на нов лидер на конзервативците, што може да потрае и до два месеци.

Процесот на номинирање кандидати ќе се одржи во понеделник, а за влез во трката потребна е поддршка од осум пратеници во британскиот парламент.

Првиот круг на гласање се одржува во четврток, а изборите, на кои гласаат 313 конзервативни пратеници во Долниот дом на британскиот парламент, ќе се одржува сѐ додека не останат само двајца кандидати.

Потоа ќе бидат организирани избори на кои можат да гласаат сите членови на Конзервативната партија (околу 120 илјади).

Засега 11 пратеници објавија намера за кандидирање. Британскиот премиер мора претходно да биде пратеник во парламентот.

Џонсон е еден од фаворитите, а во Британија лидерот на партијата која има мнозинство во парламентот станува премиер

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.