БОРИСОВ ОД ДАВОС: ГИ ПОДДРЖУВАМЕ НАПОРИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН НА ПАТОТ КОН ЕУ
Побрза интеграција на Западен Балкан во ЕУ или лажни надежи за датум оваа пролет? Пред доаѓањето на претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел во Скопје овој петок, пораки со оптимизам од Давос.
Софија и Загреб ги омекнуваат цврстите ставови на Париз за датум без усвоена методологија. Хрватска го стави проширувањето на ЕУ на листата приоритети во следните 6 месеци – Бојко Борисов денеска порача дека отворањето на европската врата е важно за реализирање на клучните реформи во земјите од регионот.
– Регионалната соработка, не е алтернатива на европската интеграција на Западен Балкан. Напротив, таа треба да придонесува за постигнување на стратегиската цел за членството во ЕУ на земјите од регионот. – Бојко Борисов премиер на Бугарија.
И шефот на македонската дипломатија Димитров испрати порака до европските лидери во Давос, дека е крајно време за чекор напред кон заслужените пристапни преговори со Унијата.
– Донесувањето на долгоочекуваната одлука за време на хрватското претседавање пред Самитот во Загреб е во интерес не само за земјата и Регионот, туку и за самата ЕУ и кредибилитетот на европската перспектива. – Никола Димитров МНР
Во меѓувреме Македонија се согласува и на построга методологија, но сепак кои се реалните шанси и дали ќе има волја за доделување датум на следниот Европски Совет во март ?
– Според моите информации постои интензивна комуникација на линија Европска Комисија и Франција и дека таа е конструктивна комуникација и ќе се излезе со некакво решение набрзо. Е сега колку има шанси март ? Мислам дека и французите сфатија дека нивната позиција е неодржлива и можеби сфаќаат дека направиле некаква стратегиска грешка. Ги немаа согледано сите негативни последици. Кај нас има избори во април и сега да видиме колку е до совеста на партнерите. – Љупчо Петковски независен истражувач.
Новата методологија која Европската Комисија треба да ја објави на 29 јануари се очекува да донесе и поголем притисок врз Скопје и Тирана за носење на закони но и поинтензивни економски реформи. Конкретно за Албанија, Комисијата бара и соодветно решение за спречување на албанската миграција во Франција.