Борел: Вучиќ го прифати предлогот на ЕУ, Курти одби, бара „де факто“ признавање
Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата изјави дека денешните преговори меѓу делегациите на Белград и Приштина во Брисел завршиле неуспешно бидејќи косовскиот премиер Албин Курти не го прифатил компромисниот предлог на Европската Унија
По денешната рунда од дијалогот во Брисел, високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи Жозеф Борел, изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ го прифатил компромисниот предлог на ЕУ за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, додека косовскиот премиер Албин Курти не бил подготвен да продолжи напред и да започне кредибилен процес на формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО), но инсистирал на тоа „да се воспостави де факто“ признавање на Косово како прв чекор.
„Курти не беше подготвен да продолжи напред и да го започне формирањето на ЗСО, наместо тоа инсистираше ‘де факто’ признавањето да биде прв чекор. Претседателот Вучиќ го прифати нашиот предлог“,
нагласи Борел, пренесува „Косово онлајн“.
Тој рече дека, за жал, нема напредок во деескалацијата на ситуацијата на северот на Косово и потсети дека сите 27 членки на ЕУ побарале да се преземат итни чекори во оваа насока.
Како што рече тој, ЕУ ги повика двете страни да преземат итни мерки на северот за деескалација и што поскоро да се одржат нови избори.
Борел наведе дека оставката на градоначалникот е најдобар начин што поскоро да се дојде до избори во четири општини на северот на Косово.
„Доколку нема напредок во изборниот процес, ризикуваме ситуацијата да продолжи да ескалира“,
рече Борел.
Посочувајќи дека двете страни мора да го исполнат она на што се обврзале досега, Борел рече дека Заедницата на српските општини е стара обврска за двете страни и дека таа претставува клучен елемент и дека е клучно конечно да започне имплементацијата на договореното.
Вучиќ: Средбата не беше успешна, Курти не го прифати предлогот на ЕУ
Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата изјави дека денешните преговори меѓу делегациите на Белград и Приштина во Брисел завршиле неуспешно бидејќи косовскиот премиер Албин Курти не го прифатил компромисниот предлог на Европската Унија.
„Имавме разговори и мислам дека тие завршија неуспешно во однос на изнаоѓање јасен пат кон нормализација на односите. Сите имаме свои предлози, на крајот ние како Србија го прифативме компромисниот предлог на Европската Унија. Курти не сакаше да прифати и средбата заврши“,
изјави Вучиќ.
Како што изјави, немало многу пријатни ситуации, повеќе имало непријатни, што е логично бидејќи, како што рече, секој се бори за своето.
„Јасно е дека Курти избегнува да формира Заедница на српски општини. Србија не бега од обврските, ние го прифативме предлогот на ЕУ, Курти не сакаше“,
рече Вучиќ.