Бесими: Ребалансот одговор на реалните потреби, приоритети се здравјето, поддршката на граѓаните и стопанството
Здравјето на граѓаните, здравата економија, како и здрави финансии и општество воопшто остануваат клучни приоритети за оваа година. Во таа насока е и ребалансот на Буџетот за 2021 година во кој има раст на приходите од 4,7 отсто или за околу 10 милијарди денари, повеќе средства за капитални расходи за 24 отсто, како и дополнителни средства за мерките за поддршка на домаќинствата и стопанството, за здравството и за процесот на имунизација на населението, зголемена поддршка на земјоделството и социјално ранливите категории.
Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го ребалансот на Буџетот за 2021 година, кој од денеска е на дневен ред пред пратенциите во Собранието на РС Македонија.
„Фискалната политика секогаш треба да даде одговор на реалните потреби, да го поддржи економскиот раст и развој, отворањето на нови работни места и подобриот животен стандард за граѓаните. Затоа основите цели на Буџетот за 2021 година се зајакнување на финансирањето на системот на здравствена заштита и зачувување на здравјето и животите на граѓаните, поддршка на економската стабилизација и поставување на темелите на солидно економско заздравување и забрзан раст, како и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евро-атлантските интеграции“, истакна министерот.
Потенцирајќи дека Ребалансот за 2021 е одраз на економските состојби, грижа во поглед на користење на јавните средства и нивно насочување кон реализација на поставените таргети, како и посветеност во справувањето со пандемијата, министерот рече дека фискалниот стимул за стопанството и граѓаните продолжува до целосно заздравување и враќање на економијата на патот на економски раст. Притоа, наведе, останува заложбата да инвестираме во трајни добра со фокус на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор, земјоделството и заштитата на животната средина.
Министерот посочи дека приходите во Буџетот имаат одлична реализација. Од почетокот на годината заклучно со јуни 2021 година се реализирани во износ од 101,1 милијарда денари што претставува 47,5 отсто во однос на планот и забележаа раст од 15,6 отсто во однос на тој период лани.
Расходите исто така се реализираат редовно и навремено и се во рамки на предвидувањата и очекувањата. Заклучно со јуни 2021 година реализирани се во износ од 116,8 милијади денари што е 47,2 отсто во однос на годишно планираниот износ или раст од 3 отсто во однос на тој период претходната година.
Годинава се очекува економијата да заздрави, при што растот е проектиран на 4,1 отсто. Во првите четири месеци од 2021 година размената значително се интензивира, извозот на стоки забележа номинален раст од 40,7 отсто, а увозот на стоки од 34,4 отсто. Податоците за индустријата покажуваат дека во март е прекинат падот на производството во претходните два месеца, а во април растот достигна 46,1 отсто, стапката на невработеност продолжи да се намалува и достигна 16 проценти, а платите забележаа просечен раст од 4 отсто, раст од 48,2 отсто е забележан и кај капиталните расходи во првите шест месеци во однос на тој период лани.
Значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање ќе имаат инвестициите. Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8 отсто во 2021 година, во услови на очекуван раст и на јавните и на приватните инвестиции. Потрошувачката, се очекува да забележи реален раст од 4 отсто, а растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3 отсто. Извозот се предвидува да забележи раст од 10,6 отсто, а увозот раст од 11 отсто на реална основа. Бројот на вработени е предвидено да се зголеми за 1 отсто, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,5 отсто, додека стапката на невработеност да се намали на 15,8 отсто.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот за 2021 година се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари или за 4,7% повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 отсто, повисоки во однос на планот. Планираните приходи и расходи, претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП.
Со реабалансот се обезбедени повеќе пари за капитални расходи, дополнителни средства за здравствениот сектор кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза. Во насока на продолжување на мерките од претходните пакети, со цел обнова на економијата и враќање на стапките на економски раст од пред настапување на кризата, се предвидени средства за мерки од петтиот и шестиот пакет дизајнирани за директна поддршка на стопанството и компаниите, средства за исплата на регрес на годишен одмор согласно Гранскиот колективен договор за државните институции и средства за ангажирање на образовани асистенти за деца со посебни потреби. Со ребалансот исто така се врши ограничувње и сведување на минимум на несуштинските трошења кај буџетските корисници.
Дополнително, согласно Фискалната стратегија 2022-2026 година, покрај подобрената структура на јавните финансии со зголемено учество на капиталните расходи, предвидена е и етапна фискална консолидација, преку намалување на буџетскиот дефицит како процентуално учество во БДП и тоа: 4,3 отсто во 2022 година, 3,5 отсто во 2023 година, 2,9 отсто во 2024 година, 2,5 отсто во 2025 година и 2,2 отсто во 2026 година.
Буџетот на РСМ целосно е креирана во функција на остварување на стратешките приоритети, забрзување на економскиот раст, приоритетот за интегративните процеси на Република Северна Македонија во ЕУ и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО.