Бесими:Четвриот сет на мерки е за стимулирање на приватната потрошувачка и поттикнување инвестиции
Четвртиот сет на мерки ќе биде насочен кон економско заздравување, односно стимулирање на приватната потрошувачка, но и поттикнување на инвестиции во стопанството.
Овие мерки треба да се надоврзат на претходните мерки и да вбризгаат нова ликвидносна инјекција во стопанството, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за МИА.
-Деновиве Владата има континуирани средби со стеикхолдерите, односно стопанските комори, ќе имаме и со синдикатите. Важно е во континуитет да се одржува дијалогот со нив, особено во услови на криза и да се разменат мислења и идеи за следните чекори – вели министерот за финансии Бесими.
Тој вели дека подготвителните активности за четвртиот сет на мерки доминираат на неговата работна агенда како министер за финансии. Во таа насока, покрај средбите на Владата со коморите, прв официјален состанок кој го остварил како министер за финансии бил со амбасадорот на ЕУ со цел повлекување на првата транша од 80 милиони евра од ЕУ наменети за поддршката за надминување на ковид-кризата. Најавува и дека ќе следат интензивни состаноци следната недела со Светска банка, ММФ, ЕБОР како и online состанокот со претседателот на Светска банка во рамките на годишните средби организирани од СБ и ММФ.
Бесими посочува дека Владатa досега излегла со три сета мерки од околу 550 милиони евра или околу 5% од БДП, од кои дел се веќе реализирани, дел се уште се во тек, дел ќе се реализираат во текот на годината, а дел се долгорочни. Тој вели дека секој од овие три сета одговара на етапите на македонската економија низ кризата. Првиот за прва помош на стопанството, во време на изборен период кога не можат да се прават законски измени; вториот – наменет за премостување на периодот на затворање на капацитетите и третиот пакет, во мај за поддршка на почетокот на ревитализирањето на економијата по нејзиното отворање и започнување со работа на капацитетите.
-Со третиот сет на мерки е предвидена и нова линија бескаматни кредити во износ од 31 милион евра преку Развојна банка, која ќе има и грант компонента од 30% финансирана од Европската унија, тоа се дел од оние 80 милиони евра прва транша за кои треба да се потпише спогодба до крајот на месецот, значи мерката се очекува во октомври. Грантот би се доделувал на компании основани или водени од жени, понатаму компании кои вработуваат млади лица или кои се извозно ориентирани или кои ќе воведат иновации, дигитализација и е-трговија во нивното работење. Државната гарантна шема исто така е предвидено да се спроведува преку Развојната банка. Целта е преку државните кредитни гаранции државата да понуди дополнителна можност и полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот ризик преку преземање на дел од кредитниот, а средствата ќе бидат пласирани преку комерцијалните банки. – вели Бесими.
Тој посочува дека мора да има добро дизајнирани политики и мерки, базирани на евиденција и да се измери нивниот резултат. Во тој поглед, фокусот е на дизјанирање на четвртиот сет на мерки меѓу кои ќе има и редизајнирање или подобрување на некои од постојните кои имаат потенцијал за поддршка на економското заздравување.