ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Бектеши: Обезбедени се дополнителни количества електрична и топлинска енергија од АД ТЕТО

АД „ТЕТО” ќе работи седум дена во неделата во период од 05 до 01 часот со полна моќност, а АД ЕСМ ќе го откупува вишокот на електрична енергија што компанијата нема да го продаде на слободниот пазар, за што утре ќе биде потпишан договор меѓу двете компании, соопшти попладнево на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

Ваквата одлука е донесена денеска на седница на Влада и ќе трае до крајот на месецот, но Владата има можност, доколку се укаже потреба, да ја продолжи бидејќи во земјава е прогласена кризна состојба во енергетиката. Согласно со уредбата за прогласување на кризна состојба, Владата е должна да носи мерки со кои сите капацитети за производство на електрична енергија може да ги стави на располагање на АД ЕСМ со цел да има непрекинато снабдување со електрична енергија.

– Цената по која АД ЕСМ ќе ја преземе дополнително произведената електрична енергија од производителот АД ТЕТО е 170 евра по мегават час и е производна цена на електрична енергија од комбинирана постројка за производство на електрична и топлинска енергија од природен гас со вкалкулирана продажна цена на природен гас во Република Северна Македонија за јануари 2022, изјави Бектеши.

Тој појасни дека во моментот, АД ТЕТО, согласно договорите што ги има со добавувачите, работи само од понеделник до петок со капацитет од 200 мегавати од вкупно инсталираните 227 мегавати, а во сабота и недела не работи воопшто.

– Со преземањето на електричната енергија од АД ТЕТО дополнително ќе се обезбеди производство и на топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија БЕГ со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со топлинска енергија на потрошувачите во Град Скопје и во исто време при постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси кои АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија, рече Бектеши.

Од страна на БЕГ се уште нема официјален став околу понудата на Владата да ја покрие разликата меѓу цената на парното греење што ја одреди РКЕ и реалната цена.

– Согласно информациите, БЕГ не може да достави банкарска гаранција, а ние не можеме да даваме кредити во име на Владата без да бидат гарантирани средствата, рече Бектеши.

Инаку, како што информира министерот Бектеши, цените што ги понудил БЕГ се далеку повисоки од оние на берзата. Цената на БЕГ била 1480 долари за нормален метар кубик, а цените на берзата денеска се под 900 долари. мс/бт/

Скопје, 13 јануари 2022 (МИА)

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.