Бектеши вели дека Слупчанци се чесни граѓани и поголеми патриоти од ВМРО-ДПМНЕ
Министерот за економија, Крешник Бектеши демантира дека некој од Владата е вклучен во преговорите меѓу ЕВН и жителите на селото Слупчане.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашаа дали Владата ќе ги плати долговите на слупчанци и дали тие ќе плаќаат по 3.000 денари месечно како што бараа.
„Тие жители се чесни, домаќини и како секој граѓанин живеат во оваа држава, ги преземаат обврските и даваат придонес – најверојатно многу поголем придонес од ВМРО-ДПМНЕ. И се многу поголеми патриоти од нив“, рече Бектеши.
Инаку, денеска, како што објави МИА, се одржа уште еден состанок меѓу жителите на липковското село и претставници на ЕВН. На состанокот, како што се наведува, се прецизирани техничките детали за реализација на проектот за реконструкција и модернизирање на мрежата. Во понеделник треба да се одржи уште еден состанок пред екипите на ЕВН да почнат да работат во селото. Претходно, мештаните не дозволуваа влез на екипите на ЕВН во селото, бараа да им ги простат старите долгови, сметките да не бидат повисоки од 3.000 денари, џамијата да не плаќа струја и слично.