ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Без Каракачанов подобро, без влада полошо

Македонија ќе мора долго да чека во Бугарија да се формира стабилна влада и со неа да ги продолжи преговорите за решавање на спорните прашања – вели за „Слободен печат“ универзитетскиот професор и политички аналитичар Ѓорѓи Спасов.

Наспроти поинаквите очекувања, за гласање на парламентарните избори во Бугарија се пријавиле само 328 бугарски државјани од Македонија и 150 државјани на Бугарија од Албанија

На Македонија ѝ оди во прилог тоа што на парламентарните избори во Бугарија во Собранието не влезе ниту една од екстремните десничарски партии, а најверојатно ниту ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, но не е добро што нема доминантна партија, што може да значи дека Македонија ќе мора долго да чека во Бугарија да се формира стабилна влада и со неа да ги продолжи преговорите за решавање на спорните прашања – вели за „Слободен печат“ универзитетскиот професор и политички аналитичар Ѓорѓи Спасов.

– Партијата ГЕРБ од 95 пратеници се сведе на 70. БСП има слаби резултати, другите се политички непознати. Прашање е дали ќе формираат влада сите партии против ГЕРБ, дали ќе се формира влада на широка коалиција со ГЕРБ или ќе одат на нови избори. За нас овој распоред на силите не е добар бидејќи ќе им треба уште долго за формирање стабилна влада, а до изборот на новата, старата влада нема да прави различни чекори од порано – вели Спасов.

Најверојатно популистичката партија „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов, која се покажа како втора политичка сила, ќе игра клучна улога во формирањето на новата влада, но Трифонов засега ја отфрла таквата можност. Инаку, Трифунов исто така е познат по своите екстремни ставови во однос на Македонија, а на македонската јавност ѝ стана познат по конфликтот со неговиот македонски колега Игор Џамбазов, со кој при гостување во емисија во 2013 година си разменија навреди на национална основа.

Парламентарните избори во Бугарија покажаа дека се сосема нереални бугарските математики околу тоа колку Бугари живеат во Македонија. Од бројката од 100.000, со колку што се оперираше во бугарските медиуми, врз основа на издадените бугарски пасоши, за гласање на парламентарните избори во Бугарија се пријавиле само 328 бугарски државјани од Македонија.

Уште полош за Софија е „резултатот“ од Албанија, каде што бугарската дипломатија интензивно работи да докаже дека постои значително бугарско малцинство, па дури и ги принуди властите во Тирана да ги стават во списокот на малцинства. Според објавениот список во бугарската амбасада во Тирана, од цела Албанија избирачкото право да гласаат на изборите во Бугарија го искористиле вкупно 15 лица.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.