„Безрезервната западна воена поддршка“ – флоскула со двојни стандарди

Некои аспекти на односот на западните сојузници кон Украина и споредба со третманот кон Израел
Киев отворено ги обвини западните сојузници дека имаат практика на „двоен стандард“, објавува европското издание на магазинот „Политико“.
– Ако сојузниците заедно соборуваат ракети на небото на Блискиот Исток, зошто сè уште нема одлука за соборување беспилотни летала и ракети над Украина – постави прашање во јавноста украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Имено, „САД неделава распоредија напреден систем за противвоздушна одбрана и трупи за да го заштитат Израел од иранските балистички ракети, додека за Украина нема слична помош, иако таа секојдневно се соочува со руски беспилотни летала, ракетни и артилериски напади“, се наведува во ставот на официјален Киев.
Од друга страна, функционер на американскиот Сенат задолжен за Украина во изјава за „Политико“ вели дека Украинците имаат одамна одговор и став од САД и сојузниците, но можеби Киев не сака да го слушне.
– Тешкиот одговор што Украинците можеби не сакаат да го чујат, а за жал, тој е реалност, е дека можеме да го преземеме ризикот да собориме ирански ракети над Израел, без да предизвикаме директна војна со Техеран што може да доведе до нуклеарна војна. Има многу поголем ризик во таков обид со Русија – истакна тој.
Ризикот од судир на нуклеарни сили – клучен фактор
Испраќањето американски сили над Украина за соборување руски ракети би можело да предизвика директна воена пресметка меѓу двете најголеми нуклеарни сили во светот, во време на најголемата војна во Европа од Втората светска војна, со потенцијални апокалиптични последици. Истовремено САД на Блискиот Исток можат да соборат проектили над Израел без да предизвикаат војна со противник со нуклеарно оружје.
„Политико“, сепак, истакнува дека веќе постои активно долгорочно сојузничко учество секогаш кога Русија ја напаѓа Украина.
– Партнерите обично ни сигнализираат за движењата на руските бомбардери кон позициите за гаѓање. Тие ни кажаа кога и каде Русите подготвуваат напад – изјави во јавноста Јуриј Ихнат, вршител на должноста портпарол на украинските воздухопловни сили.
Откако ќе бидат предупредени, илјадници украински војници од извидувачките, комуникациите и мобилните единици за воздушна одбрана тргнуваат во акција.
Киев сака Полска и Романија активно да интервенираат, како во нивниот воздушен простор, така и над западна Украина. Киев и Варшава се согласија да разговараат за можноста за меѓусебен безбедносен договор, но Полска засега не ја менува својата политика.
Руски беспилотни летала знаеја да заталкаат над Полска и Романија, при што двете членки на НАТО реагираа со поставување авиони во набљудувачки акции, без да ги соборат руските дронови.
Варшава јасно стави до знаење дека нема да дејствува без комплетна поддршка на цело НАТО, а полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш рече дека таквата поддршка недостига. Тој додаде дека и Вашингтон посочил оти не сака да ескалира конфликтот со Русија.
Киев се надева дека со западните сојузници ќе биде договорено соборувањето проектили и беспилотни летала над Украина, исто како што доби западна воена помош што вклучува артилерија, тенкови, ракети и борбени авиони, и покрај претходните стравувања дека тоа ќе ги премине руските „црвени линии“. Р.С.