Анкета на ИРИ: Државата се движи во погрешна насока, Груевски е најпопуларен политичар, а за Бугарите нема место во Уставот
Речи си 60% од граѓаните сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока, покажува најновата анкета на Американскиот републикански институт. Тоа е најлошата оценка која Македонија ја добила откако ИРИ спроведува анкети во последните 12 години. Главниот проблем граѓаните го лоцираат во високите цени, слабиот животен стандард и корупцијата.
Во таква ситуација опозицијата го зголемува своето водство. Ако утре се одржат избори за ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат 19% што е речи си идентично како и во ланската анкета. СДСМ има поддршка кај 11% од граѓаните што е значителен пад од ланските 16. Рејтингот на ДУИ е стабилен на 7% а Левица пораснала на 6%.
Интересно, најпопуларен политичар во моментов e екс премиерот Груевски со рејтинг од 7%. Следат Мицкоски и Ахмети со по 6% и Ковачевски со 5%. Никому не веруваат 38% од граѓаните.
Генерално недоверба има кон сите државни институции. Довербата во обвинителството е само 3%, во судството 4% колку што е и во парламентот и во политичките партии.
Според граѓаните општините работат речиси двојно подобро од Владата.
По последните случувања паѓа и довербата во Европската Унија. 73% од граѓаните даваат поддршка наспроти 24% кои се против. Тоа е најмала поддршка за членство во последните 5 години и најголем број на противници во анкетите на ИРИ во последните 12 години.
Мнозинството граѓани се против францускиот предлог и внесувањето на Бугарите во Уставот, со тоа што поголем е бројот на противници на уставните измени.
Граѓаните најмногу симпатии имаат кон Турција. Следат Европската Унија, Германија и САД.
Телевизиите и натаму се главен избор на граѓаните за политички информации. И тука резултатите се очекувани. Сител и натаму е прв избор на граѓаните далеку пред својата конкуренција.
Анкетата е спроведена од Брима врз репрезентативен примерок од 1,207 испитаници во периодот од 23 септември до 13 октомври годинава.