ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Анкета во 7 земји: Мнозинството Европјани се против проширување на Унијата со Македонија

Граѓаните на земјите од западна Европа не ја одобруваат идејата за проширување на ЕУ, а против членството на Македонија најконкретно се изјасниле Французите. Во момент кога францускиот претседател Емануел Макрон преку писмо до европските нации го објави концептот за иднината на Унијата, во кој нема ниту збор за какво било примање на нови членки, во Лондон се објавени резултатите од последното истражување на јавното мислење во седум западноевропски земји, каде граѓаните одговараат која држава треба да биде нова членка на ЕУ.

Додека очекувано, во големо мнозинство се изјасниле дека во европското друштво сакаат да ги видат Швајцарија, Норвешка и Исланд, за другите аспиранти поддршката е мала, а конкретно за нашата земја резултатите се главно негативни. Само 24 проценти од Французите би сакале да не видат во ЕУ, додека против се дури 44 отсто. И мнозинството Германци, Данци и Финци не ја сакаат земјава во ЕУ.

Во Германија 39 отсто се „против“, 34 отсто се „за“, во Данска соодносот е 38 отсто „против“ наспроти 30 отсто „за“, додека во Финска 32 отсто не не прифаќаат, а еден процент помалку се позитивни за нашиот прием. Од друга страна кај Швеѓаните имаме позитивен скор, 40 отсто поддржуваат прием на земјава а 27 отсто се против, а во мала позитива сме кај Норвежаните но и кај Британците, иако нивната земја во рок од неколку недели и самата ја напушта ЕУ.

Француската министерка за европски прашања Натали Лоазо пред неколку дена потсети дека одлуката за почеток на преговори ја носат заеднички сите 27 членки на Унијата,а такви се правилата и при евентуалниот влез на земјава во европското семејство. Инаку БРЕГЗИТ, но и цела низа несогласувања и недоречености ги нагризуваат односите меѓу земјите во Унијата, а во пресрет на изборите за Европскиот парламент во мај поделеноста и скептицизмот околу иднината особено се заоструваат. Во тој правец Макрон речиси драматично им пишува на европските граѓани дека овие избори се решавачки за иднината на континентот и дека никогаш од Втората светска војна наваму Европа не била во толку голема опасност.

„Живееме во клучен момент за нашиот континент; Колективно, ние мора да ги прилагодиме на политички и културолошки план, облиците на нашата цивилизација во светот што се менува. Дојде времето на европската преродба. Затоа, спротивставувајќи се на искушенијата од повлекување и поделби, ви предлагам заедно да ја направиме преродбата низ три зацртани цели: слобода, заштита и напредок.“ – пишува Макрон.

Францускиот претседател повикува на заштита на Европскиот континент. Воведување ред во Шенген зоната, исполнување на обврските од сите држави, одговорност, солидарност, почитување на заедничките правила, но проширувањето воопшто не беше ниту споменато. Инаку токму францускиот претседател минатата година на Европскиот парламент му порача дека ЕУ треба да размислува за проширување со нови членки само откако ќе претрпи фундаментални реформи за начинот на кој работи додавајќи дека секогаш кога размислува за проширување Унијата слабее.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.