ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за СЈО како државна тајна

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не ги споделува со јавноста амандманите кои вчера доцна во 20.19 часот беа испратени до министерката за правда, Рената Дескоска, пред за тоа да разговараат работните групи.

Партискиот портпарол Наум Стоилковски за „Макфакс“ рече дека за тоа треба да праша, па дополнително ќе соопшти. Но, по два часа одговор не стигна. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, пак, на прашање на „Макфакс“ зошто не се јавно објавени 65 амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека тоа било на барање на министерката за правда, Рената Дескоска.

Дескоска, пак, за „Макфакс“ рече дека тоа не точно и дека нема зошто таа да бара тајност на амандманите на ВМРО-ДПМНЕ. Потврди дека во 20.19 часот на нејзиниот меил, додека траел ТВ дуелот меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски, стигнале амандманите. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека амандманите ги испратиле во 16 часот.

Пратеникот Милошоски, пак, за „Макфакс“ наброја некои од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ. Едниот од нив, како што рече, се однесува на еднаквост и рамноправност на обвинителите во конкурирањето за одредени позиции во обвинителствата.

„Во државното јавно обвинителство да има буџетска рамноправност“, рече Милошоски. Пратеникот објасни дека еден од амандманите се однесува на почитување на уставниот принцип за хиерархија и субординација. „Со посотјниот предлог СЈО го нарушува принципот на субординација. СЈО со можноста да одлучува самото за предметите е повластено“, рече Милошоски.

За утре попладне во Министерството за правда е закажана трета средба на работните групи, кои овојпат, треба да расправаат по конкретните амандмани кои ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.