ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

АЛАРМАНТНО: Количините на гасот за парно греење се тенчат, сите се препукуваат, никој не се фаќа за паричникот

Според пресметките на регулаторите, гас за парно греење има за до сабота, но со помалата испорака на топлинска енергија од страна на БЕГ, можно е да се продолжи греењето уште некој период. Но, што потоа? Регулаторната комисија за енергетика ги повикува Владата, Градот и општините да најдат решение, претседателот на СДСМ Ковачевски го праќа БЕГ во Развојна банка да си земе кредит.

На прес-конференцијата на 31.12.2021 година, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски изјави дека гас за парно греење има уште за две недели. Ова би значело дека скопјани ќе се разбудат со студени радијатори во сабота. Но, ако се земе предвид дека БЕГ испорачува топлинска енергија, како што велат, оптимизирано, периодот на греење со количините гас што ги имаат, може да се продолжи, но не значително.

Клучното прашање е што потоа? Сите се препукуваат, но никој не нуди конкретно решение. Главната поента не е во набавката  на гасот – тој може да се набави, туку кој ќе го плати. Затоа што само за еден месец, Регулаторната комисија остави „дупка“ од 9 милиони евра, која не ја пресмета во цената на греењето кон крајните потрошувачи, но која е факт, дека мора некој да ја плати, затоа што БЕГ како приватна компанија сигурно дека нема да им даде нешто на граѓаните без да си го наплати.

– Од 1 јануари 2022 година, цената на парното греење се зголемува за 14,05 проценти. Реалното поскапување би требало да биде 200 проценти, но ние нема да дозволиме целото поскапување да падне на грбот на граѓаните. Ако лани БЕГ за еден месец набавуваше природен гас за 2 милиона евра, сега поради високите цени, за еден месец потребни се над 13 милиони евра. Ние со наша одлука за поскапувањето, признаваме трошок од околу 4 милиони евра. Значи, постои разлика од околу 9 милиони евра што треба да се покријат. Регулаторната комисија за енергетика дотука може. Не е фер трошокот за природниот гас да падне на грбот на граѓаните. Од тие причини, упативме апел и до Владата и до Градот Скопје и до општините да помогнат – изјави на прес-конференцијата Бислимоски.

Министерот за економија Крешник Бектеши потенцира дека  БЕГ има законска обврска да обезбеди парно греење за што има добиено и лиценца.

– Не само што треба да најдат начин за снабдување, туку БЕГ има и обврска за тоа според Законот за енергетика. Носителите на лиценците не може да престанат да ја исполнуваат обврската за испорачување јавна услуга. Доколку тие прекинат да снабдуваат топлинска енергија, без претходно информирање на Регулаторната комисија за енергетика дека имаат проблем, РКЕ има право и да им ја одземе лиценцата – изјави Бектеши.

Познавачите на состојбите, пак, велат дека е бесмислено среде грејна сезона да се зборува за одземање лиценца, туку дека треба да се најде решение.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски тврди дека Владата нема да дозволи граѓаните да останат без централно греење, па дури спомена дека се разгледува опција за времено преземање на работењето со компаниите во Скопје кои се задолжени, според своите лиценци, да обезбедат топлинска енергија на граѓаните на Град Скопје.

– Град Скопје треба да биде свесен дека треба и тие да предвидат мерки, кои очигледно не се предвидени во рамките на нивниот буџет за справување со оваа криза. Без оглед на тоа, во Владата економскиот тим веќе одржа состанок на кој се разгледа ситуацијата. Сите владини институции веќе плаќаат цена за топлинска енергија по пазарни услови. Како второ, Министерството за финансии обезбеди финансиски средства  преку Развојната банка, а БЕГ е приватна компанија, која треба да понуди гаранција со која ќе го обезбеди кредитот, според пазарни, банкарски услови. Доколку тоа не се случи, тогаш се разгледува опција за времено преземање на работењето со компаниите во Скопје кои се задолжени, според своите лиценци, да обезбедат топлинска енергија на граѓаните на Град Скопје – рече Ковачевски.

Од Град Скопје велат дека ниту можат ниту имаат какви било ингеренции за креирање и имплементација на енергетски и економски политики, кои би ја решиле оваа криза од која најголемите штети ги трпат токму граѓаните.

– Би сакала да ја прокоментирам и изјавата на новиот мандатар дека Владата нема да дозволи Скопје да остане без парно. Би ја поздравила оваа изјава на мандатарот и сакам да го потсетам дека обврската за ова е на Владата, дека БЕГ има добиено концесија од Владата, а не од Градот, и секако тоа е обврска и одговорност на Владата. Воедно, се доцни веќе пет месеци за преземање мерки за ублажување на ефектите од кризата. Несериозно е префрлање на одговорноста на институции што немаат ниту средства ниту одговорност за хаосот настанат во енергетиката – изјави Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје.

Три компании имаат лиценци за снабдување

Во Скопје три компании имаат лиценци за снабдување со топлинска енергија. Најголемиот снабдувач е „Снабдување со топлина – Балкан енерџи ДООЕЛ“ и тоа е приватна компанија во сопственост на ТЕ-ТО, која снабдува со парно греење 53.970 корисници (податоци од Регулаторна комисија за 2020 година). „Скопје Север АД“ е производител, дистрибутер и снабдувач, а е во сопственост на АД „Топлификација“ во стечај, и има 488 домаќинства – корисници на топлинска енергија. ЕСМ – Енергетика е во сопственост на државната компанија Електростопанство и снабдува со парно греење 3,749 домаќинства.

На БЕГ не му е проблем гасот

БЕГ е фирма-ќерка на ТЕ-ТО групацијата. Во рамките на ТЕ-ТО се наоѓа постројка за комбинирано производство на електрична енергија и топлина од 220 МW, но за делот за централно греење ТЕ-ТО има формирано 3 посебни компании БЕГ-Производство, БЕГ-Дистрибуција и БЕГ-Снабдување.

– ТЕ-ТО всушност има два типа производство на струја. Едниот е во гасна турбина и другиот е во парна турбина. Така, производството на топлинска енергија е еден вид нус-производ при производството на струја и тоа овозможува релативно ниска цена на топлинската енергија. ТЕ-ТО е 89 проценти сопственост на руска компанија и има можност да се снабдува со гас од руските извори на гас. ТЕ-ТО во моментов и продава гас, а еден од купувачите е БЕГ – фирма со која сопственички се поврзани, но тоа е прашање за кое треба да расправа Регулаторната комисија за  енергетика – појасни долгогодишниот директор на „Топлификација“ Димитар Хаџимишев, кој гостуваше во „Утрински брифинг“.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon

Можеби сте пропуштиле

Британската и македонската Влада денеска во Лондон го потпишаа договорот за соработка. На договорот се потпишаа британскиот министер за извоз Гарет Томас и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, свеченото потпишување се одржа во историската зграда на Стариот Адмиралитет во Лондон. Со потпишувањето на овој документ, на Македонија ѝ се ставаат на располагање 5 милијарди фунти (6 милијарди евра) за финансирање на капитални проекти во повеќе стратешки сектори. „Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, го гледаме како нешто што ќе ја доведе Македонија до едно ново ниво. Денес потпишуваме Договор Влада со Влада за развојни-инфраструктурни проекти во клучни сектори, како што се: транспорт, образование, животна средина, информатичка технологија, како и други сектори кои што ќе ги развиваме, тука е здравството, но и образованието и ќе продолжиме да соработуваме во претстојниот период. Навистина сме благодарни што Обединетото Кралство, со својот Инструмент за поддршка на надворешно финансирање, постави рамка од 5 милијарди фунти, што е најголемиот договор што Македонија го потпишала во својата историја во однос на економијата. Навистина сме благодарни за тоа и ова го гледаме како одлична можност за целата држава да се развива. Веќе имаме три проекти кои што се подготвени. Тоа е проектот за брзата железница на Коридорот 10, здравствениот проект за болници и секако проектот за образование, за Медицинскиот факултет, а во претстојниот период ќе бараме нови проекти во секторите за енергетика и животна средина, но и други проекти секако“, изјави Николоски по потпишувањето. Министерот за извоз Томас рече дека ова партнерство „отвора ново поглавје во нашите билатерални односи со Северна Македонија“. „Велика Британија има богато искуство во испораката на висококвалитетна инфраструктура низ целиот свет и среќен сум што го започнувам ова ново партнерство што ќе им помогне на повеќе британски бизниси да извезуваат во Северна Македонија“, рече Томас. Од шесте милијарди евра финансиска рамка со Обединетото Кралство во првиот циклус од пет години ќе се повлечат околу 2,2 милијарди евра, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска во емисијата „360 степени“. „Две милијарди на пет години се по 400 милиони евра. Толку е годишното зголемување на јавниот долг по однос на овие инвестиции кои, од друга страна, ќе придонесат за раст на економијата. Никаде не пишува дека имаме задолжително повлекување на петте милијарди, а британската Влада гарантира дека Македонија кога ќе ги земе кредитите, ќе ги врати“, рече Димитриеска-Кочоска. Министерката рече дека таа не може да даде повеќе детали за парите, висината на каматата и се останато, се додека не добие готов проект на маса. „Ќе мора да седнеме и со министерот за транспорт да се разговара да каже кои се проектите и потоа ние како Министерство за финансии, покрај што ќе добиеме понуда од банката по процедурите од финансии, ќе си побараме понуда и од други меѓународни институции, затоа што тоа го налага законот. Така што, во овој момент не би можела да зборувам повеќе детали затоа што немам зрел проект пуштен во Финансии, врз основа на кој ќе барам понуда од повеќе банки и ќе излезам да кажам колку е точно каматата би било несериозно. Она што го знам и го имам како информација, се разговара за клинички во Штип, болница во Кичево и онаа брза пруга“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.